• сабота, 23 ноември 2024

Телефонски разговор Муцунски - Липавски: Регионот на Западен Балкан што поскоро треба да биде дел од ЕУ семејството

Телефонски разговор Муцунски - Липавски: Регионот на Западен Балкан што поскоро треба да биде дел од ЕУ семејството

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Република Чешка, Јан Липавски. 

Како што соопшти МНР, министерот Липавски упатил честитки до министерот Муцунски за назначувањето на фукцијата, посакувајќи му успех во извршувањето на задачите. Министрите се осврнале на јубилејот 30-години од воспоставувањето на дипломатските односи, нагласувајќи ги заемните заложби за натамошно зајакнување на соработката.

Муцунски, се посочува, изразил благодарност за недвосмислената и гласна поддршка на Република Чешка за пристапните преговори на нашата држава со Европската унија, притоа реафирмирајќи ја нашата определба за зајакнување на економската соработка и поддршката во мултилатералните организации.

-Соговорниците изразија очекување за забрзување на евроинтеграцискиот процес и успешно спроведување на започнатите реформи, истовремено потенцирајќи ја важноста дека регионот на Западен Балкан што поскоро треба да биде дел од ЕУ семејството, стои во соопштението.

За време на разговорот, како што се додава, биле разменети мислења и за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за соработката и предизвиците во рамките на мултилатерални формати со крајна цел, зачувувањето на безбедноста, мирот на европскиот континент. вг/са/

Фото: МНР

 

Остани поврзан