• сабота, 23 ноември 2024

Делчевскиот планинарски клуб „Голак“ реализираше планинарски марш до врвот Планиница

Делчевскиот планинарски клуб „Голак“ реализираше планинарски марш до врвот Планиница
Делчево, 26 април 2021 (МИА) - Во организација на Планинарски-спортски клуб „Голак“ од Делчево, е реализиран планинарски марш до врвот Планиница на планината Влаина. Маршот се реализирал со ограничен број учесници, а должината на патеката, како што информираше претседателот на клубот, Љупчо Чучуковски, изнесувала 25 километри.
- Придржувајќи се на мерките за заштита од Ковид-19, со сосем мал ветар, по идеално сончево време и многу позитивна енергија, неколку члена екипа од нашиот клуб, направивме една планинарска кружна тура во вкупна должина од 25 километри до врвот Планиница. Искачувањето го започнавме од градот Делчево, притоа искачувајки ги врвовите Острец и Влаовец, потоа се движевме покрај месноста Црна Скала сѐ до врвот Планиница на 1.180 метри надморска висина, истакна Чучуковски.
Целта на реализирањето на оваа активност, како што додаде, била посета и промоција на малку познати места во Пијанец.
- Учесниците во оваа маршрута имаа прилика да го видат некогашниот турски граничен премин Црна Скала, кој денес не функционира, се наоѓа на местото каде се спојуваат Осоговоските планини со планината Влаина, како и граничниот камен 75 од 1913 година, каде сѐ уште постојат рушевини од некогашната караула од кралска Југославија, подоцна од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, додаде Чучуковски.
На враќање во рамки на маршрутата планинарите го посетиле и водопадот каде се спојуваат реките Црварица и Стародолска кои ја формираат река Габровчица, а планинарскиот марш завршил со посета на приградското село Габрово. вс/ар/

Остани поврзан