• четврток, 09 мај 2024

Делегација од Асоцијацијата на Медитеранските регулатори за енергетика - МЕДРЕГ во посета на РКЕ

Делегација од Асоцијацијата на Медитеранските регулатори за енергетика - МЕДРЕГ во посета на РКЕ

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) беше домаќин на висока делегација од Асоцијацијата на Медитеранските регулатори за енергетика - МЕДРЕГ (Mediterranean Energy Regulators MEDREG) предводена од претседателот Абделатив Бардах, заедно со директорот Хасан Озкац и заменик директорот Барди Хоџа.

-Енергетската криза ни покажа на сите колку е неопходен синхронизран пристап и взаемна соработка во носење на одлуки кои ќе обезбедат сигурна и стабилна испорака на енергенси со единствена цел сите потрошувачи и домаќинствата непречено да имаат достапност до електрична и топлинска енергија како и нафтени деривати. Сведоци сме дека регулаторната рамка во време на енергетска криза донесе креативни решенија се со цел заштита на стандардот на граѓаните. Дел од нив се: воведување на блок тарифите - реформа која резултираше со намалување на потрошувачката, како и овозможување на дневна евтина тарифа. Нашето искуство, заедно со прагматичниот пристап и експертизата што ја поседуваат членките на МЕДРЕГ е додадена вредност во размената на искуства и градењето на професионален капацитет кај вработените – што пак на сите ни помага во носење на квалитетни решенија, истакнал Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.

Како што информираат од РКЕ, претседателот на МЕДРЕГ Абделатиф Бардах посочил дека важно е поврзувањето на членките во креирање на функционален медитерански пазар на енергија.

-Напорите кои ги вложувате во поттикнување на енергетска соработка со соседите не само што ја зацврстува енергетската безбедност туку и значајно придонесуваат за пошироката регионална соработка. Со долгогодишното искуство, РКЕ ќе има придонес во работните групи на МЕДРЕГ преку споделување на знаењата и искуствата. Интеграцијата на Северна Македонија во рамките на медитеранската енергија ја зацврстува идејата дека напорите за соработка се суштински за да им се излезе во пресрет на заедничките предизвици како што се енергетската безбедност, одржливост и транзицијата кон обновливи извори на енергија, посочил Бардах, претседател на МЕДРЕГ.

Директорот на МЕДРЕГ Хасан Озгоч ја истакнал важноста на регионалната соработка со цел обезбедување на оперативен и интегриран медитерански пазар на енергија, посочувајќи дека кохерентна регулатива ќе овозможи лесна прекугранична размена на енергија.

РКЕ минатата година на 35-тото генерално собрание со едногласна одлука стана полноправен член на Асоцијацијата на Медитеранските регулатори за енергетика - МЕДРЕГ (Mediterranean Energy Regulators MEDREG). МЕДРЕГ обединува 28 членки од 23 држави кои припаѓаат географски на медитеранскиот регион. сст/аа/

Фото: РКЕ

Остани поврзан