• недела, 22 декември 2024

Девет претстави во конкуренцијата за награди и богата програма на МТФ „Војдан Чернодрински“

Девет претстави во конкуренцијата за награди и богата програма на МТФ „Војдан Чернодрински“

Прилеп, 15 мај 2023 (МИА) -  Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни.

Фестивалот ќе почне со претставата „Инферно“ на театарот „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ од Велес на 9 јуни во Прилеп. До 16 јуни Фестивалот ќе прикаже вкупно девет претстави во официјалната конкуренција. 

Годинашни добитници на наградата за животно дело се Петар Темелковски, актер, кој воедно беше и долгогодишен претседател на Собранието на Фестивалот и актерот Петар Мирчевски.

Претседателката на Собранието на Фестивалот и уметнички директор Ана Стојаноска на денешното соопштување на програмата, рече дека Фестивалот годинава се одржува под мотото „Враќање дома“.

Во официјалната програма се претставите: „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар, „Бесачи“на Македонскиот народен театар, „Инферно“ на велешкиот театар, „Мистерија Буфо“ на прилепскиот народен театар, „Мy name is Medeјa“ на битолскиот, „Три сестри“ на албанскиот театар, „Несфатената цивилизација“ на охридскиот, „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци и претставата „Женска гардероба“ на театар комедија од Скопје.

Стојаноска изгледала 52 претстави на театрите, а програмата е конципирана во четири нивоа: официјална селекција, ОФФ актива, независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

-Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже, рече Стојаноска.

Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

На Фестивалот првпат се воведува „Автор во фокус“, а годинава тоа ќе биде Коле Чашуле, драмски автор, писател, есеист, општествен деец. Секојдневно ќе се одржува тркалезна маса за претходно одиграните претстави, а достапна е и редизајнираната веб-страница на Фестивалот www.mtf.com.mk. ем/мс/

фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

 

 

Остани поврзан