• понеделник, 23 декември 2024

Дебата: Потребни се обуки за инспекторите

Дебата: Потребни се обуки за инспекторите
Скопје, 29 јануари 2021 (МИА) – Потребни се специјализирани обуки за инспекторите и за нивните раководители. Многу проблеми, според инспекторите, се решаваат во од или искуствено, а има недостиг од човечки ресурси, од финансиски средства, има нехармонизирана законска регулатива по која работат и постапуваат...Ова го истакнаа дел од учесниците на денешната онлајн дебата: „Една година од Законот за инспекциски надзор - искуството на инспекциските служби во општините“. Организатор на онлајн дебатата е НВО Инфоцентарот, која се спроведува во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на локалните инспекторати“, поддржан од Амбасадата на САД. Претседателката на НВО Инфоцентарот Билјана Бејкова информира дека во рамки на проектот спровеле истражување на јавното мислење на граѓаните за работата на општинските инспекциски служби на национално ниво. Истражувањето било спроведено во мај 2020 година врз 1003 испитаници, а направиле и мапирање на постојната организациска поставеност и функционирање на инспекциските служби во надлежност на општините, како и клучните предизвици и проблеми со кои се соочуваат тие. Додаде дека сите овие материјали можат да се најдат на нивната интернет страница. Бејкова рече дека според истражувањето, над 40 отсто од граѓаните сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од градоначалниците. Речиси исто толку граѓани сметаат дека општинските инспектори не се професионални  и ефикасни, и место да ги штитат граѓаните и јавниот интерес, ги штитат интересите на политичките и бизнис моќници.  Помалку од 10 отсто од граѓаните изјавиле дека тие или некој нивен близок пријавил проблем кај надлежниот и општински инспектор, а речеси две третини од оние кои пријавиле проблеми во општината се незадоволни од искуството и постапувањето на локалните инспектори. Учесниците се согласија дека ова е исклучително важно и горливо прашање. Дел од инспекторите кои се вклучија во дебата, истакнаа дека работат чесно, а нивната работа треба да биде јавна и транспарентна за граѓаните да ја разберат, а не да ја деградираат. Горан Трајчевски, раководител на сектор Инспекторат на Град Скопје смета дека новиот закон бил потребен и ќе носи побрзи решенија.Тој се осврна на воспоставената меѓуопштинската соработка на Град Скопје и десетте скопски општини и информира што досега е направено и како соработуваат. Според него, ова е најдобар и наједоноставен начин да се срушат урбаните граници меѓу општините во главниот град. Нагласи дека во Инспекторатот на Град Скопје има инспектори со подолго работно искуство и стаж кои, како што рече, им испорачуваат на општинските инспектори еден вид менторство, подобра едукација, поддршка. Смета дека единствено решение за добро функционирање на општинските инспектори е регионализација на општинските инспекторати, односно нивно окрупнување. Тој нагласи дека професијата инспектор е многу одговорна, подложна на коруптиви елементи, на разни притисоци. Не се согласува дека една година е доволен период за да се види како функионира Законот или пак тоа да го увидат граѓаните.  Според него, потребна е работа, добра координација, да бидат истрајни и ќе бидат почитувани од граѓаните. Методија Димовски, член на Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија во однос на опомената смета дека повеќе се работи за неприфаќање до крај на овој механизам или инструмент од страна на инспекциските служби или инспекторите. Истиот став, според него, го имаат и голем дел од централните инспекциски служби или инспектори на централно ниво дека наводно опомената им создава комлицирана ситуација, а напротив, како што рече, таа треба да го зајакне дополнително принципот на превенција кој државата се обидува да го наметне во работата на инспекциските служби. Порача дека треба да се работи и да се обучат инспекторите како да го применуваат механизмот опомена. мд/скс/

Остани поврзан