• вторник, 05 ноември 2024

Движење Антикоцкање со повторен повик до пратениците да гласаат за измени на законот на игри на среќа

Движење Антикоцкање со повторен повик до пратениците да гласаат за измени на законот на игри на среќа

Тетово, 26 февруари 2024 (МИА) - Движењето Антикоцкање преку прес-конференција повторно со барање до пратениците да го поддржат усвојувањето на законот за игрите на среќа и забавните игри, со кој се предвидува таквите објекти да бидат 500 метри подалеку од основни и средни училишта.

Измените во овој закон на 7 февруари ги изгласаа 55 пратеници во Собранието, но претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за прогласување на законот, поради сугестиите од ЕУ дека се злоупотребува можноста за законски промени по кратка постапка. Сега повторно ќе се гласа в четврток.

- Очекуваме да не се лажеме уште еднаш. Во Парламентот има 120 пратеници, минатиот пат гласале 55. Тоа е едно лажење и на Движењето Антикоцкање и на народот во Македонија. Затоа ги повикувам сите пратеници, без разлика на партиите, позиција или опозиција, да не прават политика со овој предлог-закон. Овој предлог -закон е прв закон што не штити од игрите на среќа. Затоа не сакаме да се политизира и да прават политика, туку бараме сите пратеници свесно да размислуваат и да го поддржат овој предлог-закон за да може да помине со над 61 пратеник да гласаат за овој закон, истакна Јуши Емурлаи од Движењето Антикоцкање.

Тие сметаат дека законот треба да добие поддршка од мнозинството на пратеници. Го критикуваат претседателот Пендаровски дека не постапил исто и за други закони.

Тие се надевaат дека повеќе од 61 пратеник ќе гласаат за измените на законот и, како што рекоа, да не зависи од потписот на претседателот. 

- Ние мислевме дека претседателот ќе го поддржи овој закон, но се случи спротивното што не го потпиша законот и не врати назад. Затоа сега апелираме до пратениците од ВМРО и сите други пратеници за овој закон да го поддржат до крај. Затоа што е првиот закон што доаѓа на интерес на народот, не е на интерес на Владава или за некоја политичка партија, него на интерес на народот затоа што прв заштитен закон е овој. Имало полоши закони со европско знаме па претседателот ги потпишал, а не овој што го штити народот во Македонија. Имало закони можел да ги врати, не ги вратил. Затоа апелираме и до претседателот да ја види ситуацијата каква е во Македонија, истакна Јуши Емурлаи.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) веќе неколку пати организираат протести и бараат да не се гласа овој закон алармирајќи на опасноста од појава на коцкање на црно, останување без работа на над 10 илјади луѓе и други проблеми. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан