• недела, 22 декември 2024

Гутереш од Казањ повика на примирје во Газа, Украина и Судан

Гутереш од Казањ повика на примирје во Газа, Украина и Судан

Москва, 24 октомври 2024 (МИА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска на Самитот на БРИКС во Казањ, повика на итен мир во Појасот Газа, Украина и Судан.

- Светот има потреба од мир. Потребен ни е праведен мир во Украина, во согласност со Повелбата на ОН, меѓународното право и резолуциите на Генералното собрание на ОН, изјави тој пред лидерите на БРИКС.

Се очекува дека Гутереш денеска ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Прес-службата на Путин истакна дека Русија како основач на ОН се залага за зајакнување на улогата на ОН во светската политика, во согласност со меѓународното право и принципите на суверена еднаквост на државите. Инаку, денеска Организацијата на Обединетите нации одбележува годишнина од своето основање на 24 октомври 1945 година. 

Во својата порака, Гутереш ја нагласи улогата на ОН од нивното основање во 1945 година како платформа за нациите да работат заедно на мирот, развојот и хуманитарните прашања.

Тој ја истакна важноста на Обединетите нации во изнаоѓањето решенија за најгорливите прашања на денешницата, вклучувајќи го искоренувањето на сиромаштијата, одржливиот развој, решавањето конфликти и борбата за еднаквост, особено за жените и девојчињата.

- Обединетите нации беа изградени од светот, за светот. Од 1945 година, тоа е место за земјите да се обединат зад глобалните решенија за глобалните проблеми, рече тој.

Генералниот секретар, исто така, укажа на зголемената потреба ОН да се справи со современите предизвици како што се климатските промени, вештачката интелигенција, дигиталната технологија и истражувањето на вселената.

Додека организацијата продолжува да се реформира и модернизира, генералниот секретар потврди дека основната мисија на ОН останува вкоренета во вредностите на Повелбата на ОН и заштитата на човековите права и достоинството за сите луѓе.

- Во денешниот проблематичен свет, надежта не е доволна. Надежта бара решителна акција и мултилатерални решенија за мир, заеднички просперитет и просперитетна планета. Надежта бара од сите земји да работат како едно. На надежта и се потребни Обединетите нации, рече Гутереш, повикувајќи на конкретна, колективна акција за постигнување мир, заеднички просперитет и одржлива иднина.

Генералниот секретар на крајот ги повика сите нации да продолжат да ги поддржуваат идеалите на ОН. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан