• понеделник, 23 декември 2024

Грција ќе воведе специјална мобилна апликација и за деца жртви на насилство

Грција ќе воведе специјална мобилна апликација и за деца жртви на насилство

Атина, 10 септември 2024 (МИА) – По примерот на специјалната апликација на грчката полиција „Panic button“ воведена пред една и пол година за помош и заштита на жените-жртви на семејно насилство, полицијата ќе воведе нова апликација „Safe Youth“ и за децата жртви, како на семејно така и на врсничко насилство, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервју за грчките телевизии „ЕРТ“ и „Мега“ портпаролката на полицијата Константина Димоглиду објасни дека апликацијата што ќе биде достапна на крајот од месецов или почетокот на октомври е наменета за деца од 12 до 18 години што се во опасност во или вон домот. 

Децата на кои ќе им биде инсталирана апликацијата ќе можат со притискање на едно копче (emergency button) да пријават дека се во опасност по што полицијата ќе ги има сите податоци, како и локацијата со оглед на тоа дека претходно е неопходна регистрација. 

Димоглиду посочи дека за да се избегне злоупотреба и непромислено користење на апликацијата, предвидени се заштитни мерки за полицијата да може да потврди дали пријавата е реална.

Додаде дека апликацијата ќе вклучува богат информативен материјал за заштита на децата од различни форми на насилство, притоа дозволувајќи им на децата да пријават насилно однесување директно до властите. 

-Има случаи кога детето е малтретирано дури и во неговото семејство и треба да му помогнеме директно да комуницира со грчката полиција, истакна портпаролката на полицијата.

Станува збор за бесплатна апликација, исто како што е апликацијата „Panic Button“ на грчката полиција, воведена на крајот на март минатата година за помош на жени жртви на семејно насилство.

Жените жртви на семејно насилство, откако ќе ја инсталираат апликацијата на нивните мобилни телефони, со притискање на едно копче, можат итно и безбедно да ја известат полицијата доколку се во опасност. ср/ссм/

Остани поврзан