• петок, 22 ноември 2024

Груби: Не се гледам себеси и знам дека нема да бидам идниот премиер на Владата (ДПЛ)

Груби: Не се гледам себеси и знам дека нема да бидам идниот премиер на Владата  (ДПЛ)

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Не се гледам себеси како иден премиер, не верувам дека јас сум следниот премиер и всушност знам дека јас не сум следниот премиер на Владата на Република Северна Македонија, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби.

На прашањето кој ќе биде следниот премиер, Груби рече дека согласно коалцискиот договор следниот премиер треба да биде предложен од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а и смета, како што рече, дека сите пратеници ќе го поддржат следниот кандидат или ќе ја поддржат следната кандидатка во техничката влада во последните 100 дена од овој мандат.

На прашањето за разликите на ставовите околу заедничкото, односно одвоеното одржување на претседателските и парламентарните избори, тој рече дека ќе има средби и состаноци со коалициските партнери и оти ќе се усогласи заеднички став околу тоа, но нагласи дека ДУИ е подготвена и за заеднички избори и за одвоени.

Вицепремиерот Груби не верува дека Алијанса Албанците, како што изјави лидерот на оваа партија Арбен Таравари може да ја напушти Владата, и рече дека имаат одлична соработка со нивните министри, како и во пониските ешалони на власта.

-Заеднички ни се напорите за да ја интегрираме земјата во Европската Унија и гледаме дека има можност за заеднички да соработуваме и на следните избори по однос на истата агенда. Така што не верувам дека во следниот период којшто е пред нас, зборуваме за месец-два, до техничка влада, не верувам дека која било од политичките партии би предизвикала некоја криза, рече Груби.

Во однос на образложението на Таравари дека тоа би било поради законот за амнестија, рече дека ДУИ го подржа законот и дека тоа „помина каде што треба“.

-За жал во Собранието математиките се различни, и пратениците, но за жал и медиумите, и граѓаните потклекнаа на пропагандата дека законот за амнестија е некако поврзан со измените во Кривичниот законик или со измислената фама за враќањето на поранешниот премиер Никола Груевски. За жал од таа пропаганда не успеа да се објасни доволно мотивот за законот за амнестија, којшто претходната Влада, исто на СДСМ и ДУИ, го усвои и им ги ублажи казните на осудениците по затворите затоа што е алармантно над 2.000 осуденици да седат надвор по улиците од едноставна причина затоа што нема простор по затворите. Затоа го поддржавме тој процес и апсолутно нема никаква допирна точка со измените во Кривичниот законик ниту со уставните измени, посочи Груби.

На прашањето како ги оценува ставовите на Албанскиот опозициски блок дека имаат неколку услови за уставните измени, Груби одговори дека не ги слушнал нивните ставови.

-Не сум ги слушнал ставовите на таканаречената Албанска опозиција затоа што немам потреба. Тие само ги преведуваат соопштенијата и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и ги искажуваат, дури кажуваат и тоа што ВМРО-ДПМНЕ не може да го каже јавно, туку тие се гласноговорници на ВМРО-ДПМНЕ, рече Груби. сх/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан