• петок, 28 јуни 2024

Грковска - Дрекслер: Успешната соработка меѓу Северна Македонија и Германија ќе продолжи

Грковска - Дрекслер: Успешната соработка меѓу Северна Македонија и Германија ќе продолжи

Скопје, 28 април 2023 (МИА) - Вицепремиерот за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска се сретна со новоназначената амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава Петра Дрекслер.

Како што информира владината прес-служба, Грковска и посака на амбасадорката Дрекслер плоден и успешен мандат и се заблагодари за континуираната германска поддршка за нашата земја во изминативе децении, во која спаѓа и експертска поддршка на Кабинетот за политики за добро владеење.

Грковска, како што се наведува, ја информираше амбасадорката за активностите поврзани со антикорупцијата, транспарентноста и ефикасноста на институциите и дигиталната трансформација на општеството, кои се три основни столба на нејзиниот мандат.

Од страна на амбасадорката Дрекслер беше нагласено дека постои волја и подготвеност да продолжи и да се зголеми блиската соработка меѓу двете земји, нагласувајќи дека Сојузна Република Германија целосно го поддржува зачленувањето на Северна Македонија во Европската Унија.

- Осврнувајќи се на пречките и предизвиците во евроинтегративниот процес, вицепремиерката Грковска посочи дека Европската Унија не е создадена да се справува со минатото, туку со иднината и дека не смее да се дозволи актуелните политички пречки и предизвици да станат повод за раст на национализмот и популизмот во земјата и регионот, стои во соопштението. 

На средбата Грковска и Дрекслер разговарале и за други актуелни теми, со фокус на состојбата во правосудниот систем, каде, како што се наведува, мора да се случат промени за да има ефективна борба со корупцијата и за земјата да напредува во исполнувањето на стратешките цели. мд/нд/

Фото: Влада 

Остани поврзан