Грант за млади таленти од Здружението ,,И јас сум" од Неготино
- Износот на грантот изнесува 18.000 денари. Повикот е отворен до 10 мај 2025 година. Аплицирањето е отворено за млади од цела Македонија. Овие мали, но значајни грантови имаат цел да поддржат конкретни и одржливи идеи, кои ќе им помогнат на младите да го развиваат својот талент и да ги направат првите чекори кон исполнување на својот потенцијал, подвлече Пауновска.

Неготино, 10 април 2025 (МИА) - Грант за млади таленти обезбедува Здружението „И јас сум" од Неготино, информираше денеска Милица Пауновска, лице за односи со јавноста во здружението. Таа соопшти дека е објавен јавен повик за поддршка на млади талентирани личности, „Јас сум шампион“.
Пауновска појасни дека здружението е основано со цел да создава инклузивно општество и да ги поврзува луѓето со нивниот внатрешен потенцијал.
- Оваа активност е наменета за млади до 24 години со исклучителен талент во различни области – уметност, музика, спорт, наука, технологија, култура и слично. Веруваме дека во секое населено место, зад некое тивко дете, стои нов Тоше Проески. Ако преку оваа иницијатива станеме ветер во грбот на еден таков млад човек, ние ја имаме исполнето нашата мисија, истакна Пауновска.
Таа додаде дека средствата за оваа програма се обезбедуваат преку индивидуални и корпоративни донации. Тоа, нагласи, е уште една потврда за моќта на заедницата, кога се обединува околу вистински вредности.
- Износот на грантот изнесува 18.000 денари. Повикот е отворен до 10 мај 2025 година. Аплицирањето е отворено за млади од цела Македонија. Овие мали, но значајни грантови имаат цел да поддржат конкретни и одржливи идеи, кои ќе им помогнат на младите да го развиваат својот талент и да ги направат првите чекори кон исполнување на својот потенцијал, подвлече Пауновска. свд/цр
Фото : Фејсбук страница на ,,И јас сум"