• петок, 05 декември 2025

Град Скопје започнува со целосна реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ во општина Аеродром

Град Скопје започнува со целосна реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ во општина Аеродром

Скопје, 17 ноември 2025 (МИА) - Во насока на унапредување на инфраструктурата и подобрување на условите за движење на граѓаните, Град Скопје започнува со целосна реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ во општина Аеродром.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во врска со започнувањето на овој проект, рече дека после неколку децении, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ (Црвена Вода 7) во Аеродром.

-Денес, заедно со градоначалникот Дејан Митески и новиот директор на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, го означивме почетокот на овој значаен инфраструктурен зафат. „Фрањо Клуз“ е улица која игра клучна улога во урбаниот дел на општината, сообраќајница што секојдневно ја користат илјадници граѓани. Станува збор за улица која со години е оставена на забот на времето, небезбедна, оштетена и запоставена. Денес ставаме крај на таа слика. Ова е улица што одамна го заслужуваше вниманието, а денес тоа конечно и го добива, изјави Ѓорѓиевски.

Со овој зафат, како што информираат од Град Скопје, улицата ќе добие двослоен асфалт, нови рабници и уредени тротоари, создавајќи безбеден, чист и функционален простор за сите минувачи.

-Ќе изградиме улица која ќе биде пример како треба да изгледаат современите градски сообраќајници – уредени, безбедни и наменети за секого. Ова е само почеток. Следуваат уште поголеми проекти за нашето Скопје. Ќе работиме во секоја општина, секое маало, секоја населба. Скопје заслужува, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. аа/вј/

Фото: Град Скопје

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан