Градоначалникот Коњановски бара МОН да ги деблокира барањата за вработувања
- Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, на прес конференција што претпладнево се одржа во неговиот кабинет, побара Министерството за образование и наука (МОН) да ги деблокира барањата за вработувања на наставници во Битола.
Битола, 5 декември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, на прес конференција што претпладнево се одржа во неговиот кабинет, побара Министерството за образование и наука (МОН) да ги деблокира барањата за вработувања на наставници во Битола.
На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава, истакна Коњановски.
-Централната власт продолжува со партискиот интерес за одземање на ингеренциите на градоначалникот во сите училишта во општината и тоа само во делот на ангажирање на наставниот кадар, притоа не водејќи грижа за иднината на најмладите кои се дел од воспитно образовниот процес – учениците. Материјалните трошоци гориво, превоз на ученици и друго за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу еден милион евра, не се во интерес на МОН и истите остануваат во надлежност на општината и во училиштата каде се одземаат ингеренциите. Блок дотациите кои ги издвојува министерството за образование воопшто не се доволни, поради што општината дополнува средства од сопствениот буџет. На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава, истакна Коњановски.
На средбата со новинарите, градоначалникот Коњановски посочи дека заради интересот на учениците и правото на образование, локалната самоуправа повторно испратила барање до Министерството за образование и наука за одобрување на бараните согласности за вработување.
-Имајќи во предвид дека договорите на вработените лица до три месеци за итни и неодложни работи им завршуваат во месец декември, а месец декември е последниот месец од првото полугодие кога се формираат полугодишните оценки и успехот на учениците, наставниците на кои им истекуваат тримесечните договори за работа согласно законот за образование заради не добивање на согласности за распишување на огласи нема да можат да ги формираат конечните полугодишни оценки и полугодишниот успех на учениците. Општина Битола ги достави барањата до МОН, а согласностите за распишување на огласи се уште ги немаме добиено, а ако тоа продолжи може да се случат несакани проблеми во воспитно образовниот процес од кои последиците ќе ги трпат учениците, истакна Коњановски.
Општина Битола за основните училишта побара согласност за распишување на оглас за 213 наставници, а во средните училишта за 88 наставници или вкупно за 301 наставник. мт/дма/
Фото: МИА