• петок, 22 ноември 2024

Градоначалникот Коњановски бара вонреден инспекциски надзор за работата на Советот на Општина Битола

Градоначалникот Коњановски бара вонреден инспекциски надзор за работата на Советот на Општина Битола

Битола, 1 јуни 2023 (МИА) - Градоначалникот Тони Коњановски ќе бара вонреден инспекциски надзор за работата на Советот на Општина Битола и нема да ги потпише за објавување во Службен Гласник, синоќа донесените одлуки на битолските советници, со кои беа разрешени членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во градот.

Коњановски денеска изјави дека вчерашната седница на Советот е потврда за кочниците и блокадите што ги прави претседателката на Советот, на штета на Општина Битола и битолчани.

- Вчера имавме ситуација во која, спротивно на Законот за јавни претпријатија на дневен ред се поставија точки со кои советниците од СДСМ, Поинаку и Левица, изгласаа разрешување на управните и надзорните одбори и сосема спротивно на Законот за јавни претпријатија, неосновано, популистички најавија граѓански управни тела. Врз основа на член 71 став 1 од Законот за инспекциски надзор, а во врска со член 69 став 1 од Законот за локална самоуправа, ќе поднесам иницијатива до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да изврши вонреден инспекциски надзор над работата на Советот на општина Битола во вршењето на неговата надлежност од член 22 точка 32 од Статутот на општина Битола, според која, Советот на општината именува членови во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и јавните установи што ги основа и при именувањето на нови им престанува мандатот на дотогашните членови на управните и надзорните одбори. Тоа значи, дека Советот не може само да ги разреши сите членови на управните и надзорните одбори, без истовремено да именува нови, како што тоа беше направено на вчерашната седница, бидејќи тоа не е статутарно, а воедно на таков начин се доведува во прашање работата на јавните претпријатија без органи на управување и надзор, истакна Коњановски.

Според градоначалникот и тимот на негови соработници на вчерашната седница на Советот на Општина Битола, прекршена е и одредбата од член 17 ѓ од Законот за јавните претпријатија, во која што е утврдено во точно кои случаи може да бидат разрешени членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија.

-Спорните решенија за разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, кои што беа донесени на вчерашната седница на Советот на општина Битола, нема да бидат објавени во „Службен гласник на општина Битола“, се додека не биде спроведена и правосилно завршена постапката по иницијативата за вонреден инспекциски надзор, истакна Коњановски.

Како што е познато на вчерашната седница на Советот на Општина Битола која почна во 10, а заврши во 22 часот, на барање на членовите на СДСМ и коалицијата, а со поддршка на советниците од независната листа ПОИНАКУ и политичките партии ДОМ, ДУИ и Левица, беа изгласани одлуки за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори на сите локални јавни препријатија кои покажале негативни резултати во работењето, освен КЈП „Нискоградба“-Битола. мт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан