• сабота, 16 ноември 2024

„Горчлив шеќер“ - мултимедијален проект на Ѓорѓе Јовановиќ во МСУ

„Горчлив шеќер“ - мултимедијален проект на Ѓорѓе Јовановиќ во МСУ

Скопје, 19 септември 2023 (МИА) - Во Музејот на современетата уметност – Скопје (МСУ) вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) - мултимедијален проект на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.

Како што информира МСУ, поектот е составен од два дела - просторна инсталација и анимации и видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, истовремено функционирајќи во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.

-Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност, наведува МСУ. 

Преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција, овој проект има цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од бројни кризи и егзистенцијална неизвесност.

Куратори на мултимедијалниот проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ и ќе може да се посети до 10 февруари 2024. хс/цр

Фото: Музеј на современетата уметност

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан