• понеделник, 12 август 2024

Голем пожар во источниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина

Голем пожар во источниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина

Атина, 11 август 2024 (МИА) – Во тек е голем пожар во источниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина, што поради силниот ветер брзо се прошири, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени неколку пораки за евакуација на жителите на населените места што се во близина, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот, околу два часа по избувнувањето е во контрола, огнените јазици достигнуваат и до неколку метри, а неофицијално зафатени се и куќи во ретко населениот дел во областа Варнава.

Интервенираат над 150 пожарникари со 30 возила, седум авиони и пет хеликоптери и волонтери.

Од бројот 112 беа испратени неколку пораки за евакуација на најмалку пет населени места што се во близина.

Чадот од пожарот што е на околу 40 километри од центарот на Атина веќе покри многу атински населби, вклучително и центарот на градот.

Паралелно со пожарот во областа Атика, избувна пожар и на островот Евија, во централниот дел, каде што интервенираат 40 пожарникари со два пешадиски тима, 11 возила и еден хеликоптер, а од бројот 112 беше побаран евакуација на три населени места во непосредна близина.

Вчера министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас свика вонреден состанок поради најавите за екстремни временски услови од денеска во следните денови и поради силниот ветер, многу високите температури и долготрајната суша, што според надлежното Министерство, „ќе создадат експлозивен коктел за појава на опасни пожари, па дури и мегапожари (mega fires)“. ср/

Остани поврзан