• сабота, 25 јули 2026

„Гласник на невидливите“ за новинарот на МИА, Слободан Иванов

„Гласник на невидливите“ за новинарот на МИА, Слободан Иванов

Скопје, 16 јуни 2026 (МИА) - Новинарот на МИА, Слободан Иванов, е меѓу добитниците на наградата „Гласник на невидливите“, која деветти пат беше доделена во Скопје за новинари што известуваат за маргинализирани групи и заедници во организација на Македонската платформа против сиромаштија (МППС).

Иванов признанието го доби за текстот „Глаголицата како парабола за денешното сеопфатно општество: Отворена изложбата ‘Глаголички откровенија’ на Томе Даневски во КИЦ - Скопје“.

Во изјава по доделувањето на наградата тој истакна дека признанието претставува поттик за натамошна работа и посветеност во известувањето за лицата со попреченост и за прашањата што ги засегаат „невидливите“ во општеството.

- Ова признание ми е поттик со уште поголема посветеност да пишувам за мојата заедница - лицата со попреченост. Сакам да ѝ се заблагодарам на Македонската информативна агенција - МИА. Им благодарам на главната уредничка Пандорка Арсовска-Гацова и на директорот Дарко Јаневски, кои го одобрија и објавија наградениот прилог, како и за сите написи што ние како МИА сме ги објавиле досега. Благодарам и до Елизабета и Љубиша за фотографиите што го докомплетираа прилогот. Благодарам, ми значи оваа награда! - изјави Иванов.

Покрај Иванов, годинава награди добија и Бојан Шашевски, Ирина Крстевска, Лени Фрчкоска и Марта Стевковска, Љубица Иванова, Магдалена Стојмановиќ-Константинов, Михаил Милошевски и Сунчица Стојановска-Зоксимовска за прилози што третираат теми поврзани со дискриминација, сиромаштија, здравство и социјални предизвици.

Во рамките на настанот се одржа и панел-дискусија на тема „Медиумите и сиромаштијата - Гласно против тишината“ како исклучителна шанса за вмрежување, запознавање со практиките на колегите новинари од осум европски земји и заеднички крик против социјалната тишина во Македонија и Европа.

Минатата година Слободан Иванов доби „Гласник на невидливите“ за текстот „Пристап до објекти, образование и вработување - најчести предизвици за лицата со попреченост“си/ар/

Фото: МИА; Елизабета Јовановска.