Гил: Со паузирање на контра-мерките на американските царини оставаме простор за разговори
- Целта на ставањето во мирување на европските контра-царини на американскиот увоз што денеска го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е да се обезбеди максимален простор за консултации со земјите членки на ЕУ и со европската индустрија, како и за разговори со САД, соопшти денеска портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.

Брисел, 10 април 2025 (МИА) - Целта на ставањето во мирување на европските контра-царини на американскиот увоз што денеска го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е да се обезбеди максимален простор за консултации со земјите членки на ЕУ и со европската индустрија, како и за разговори со САД, соопшти денеска портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.
- Сакаме да разговараме, ја цениме најавената (американска) пауза на т.н. реципрочни царини и ние за возврат сега ги паузираме нашите предложени контра-мерки, рече Гил.
Фон дер Лајен денеска соопшти дека ЕУ решила да ги стави во мирување за 90 дена контра-мерките за увозот на американски производи, како одговор на најавата на претседателот на САД, Доналд Трамп дека, исто така, за период од 90 дена ќе „го паузира“ воведувањето на некои реципрочни царини за увозот од стоки во земјата од десетици држави.
Гил појасни дека одлуката на ЕУ за ставање во мирување се однесува на контра-царините во висина од 10 до 25 проценти за увозот во Унијата на низа производи од САД, вклучувајќи и тутун, мотоцикли, живина, челик и алуминиум, усвоени вчера како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум од Унијата во висина од 25 отсто, што стапија во сила минатиот месец.
- Нашиот пристап останува непроменет. Ние се подготвуваме за сите можни исходи. Сите наши инструменти се на маса. Сакаме да разговараме со Американците и сакаме да постигнеме договор во корист на двете страни. Понудивме „нула за нула“ царини за индустриските производи за што веруваме дека можеме да постигнеме решение во корист на двете страни, за да избегнеме царини, додаде Гил.
Според него, во моментов „има пауза“, која ќе овозможи време за размислување, анализа и разговори за остварување на целта на ЕУ да се доведат Американците на преговарачката маса и да се изнајде договор.
- Она што се случи денеска е дека како одговор на најавата на претседателот Трамп, го притиснавме копчето за пауза и до понатамошно известување тоа ќе биде притиснато, додаде Гил.
На прашање дали со одлуката за ставањето во мирување на европските контра-царини еден ден по нивното усвојување, само затоа што Трамп изјавил дека ќе „ги паузира“ реципрочни царини, не се доведува во прашање кредибилитетот на ЕУ, Гил одговори дека не постои сомнеж во кредибилитетот на Унијата од страна на земјите членки, европската индустрија и нејзините трговски партнери ширум светот „кои чекаат ред за да потпишат трговски договори“ со блокот.
- Тие знаат дека сме стабилни, доверливи, предвидливи и ги следиме правилата, така што во основа не се согласувам со премисата на тоа прашање. Мислам дека може да се види дека нашите постапки во оваа сага се конзистентни од самиот почеток, рече Гил.
Во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ во врска со изјавата на Трамп дека САД сакаат да преговараат за трговски договори со одделни земји членки на Унијата, заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер изјави дека трговијата е во исклучива надлежност на Комисијата.
- Можам сосема јасно да кажам дека Комисијата има ексклузивна одговорност за преговорите во сферата на трговијата. Дека тоа е ексклузивна надлежност на Комисијата, ќе најдете во договорите за ЕУ, каде стои дека таа е одговорна за водење во преговори од ваков вид, рече Де Керсмакер. сп/
Фото: МИА Архива