• понеделник, 23 декември 2024

Германскиот туроператор „Ер-ес-де“ ќе донесе 35.000 туристи во земјава следната година

Германскиот туроператор „Ер-ес-де“ ќе донесе 35.000 туристи во земјава следната година

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Германскиот туроператор „Ер-ес-де“ ќе донесе 35.000 туристи следната година во земјава, почнувајќи од февруари. Како што најави денеска на заедничката прес-конференција со сопственикот на германската компанија Кристијан Франк, премиерот Хрисстијан Мицкоски истакна дека тоа за земјава ќе значи дополнителни 30 милиони евра директни трошења на овие гости кај нас, што заедно со сместувањето, транспортот и останатите трошоци, би можело да се дојде до бројката и до 50 милиони евра.

Сопственикот на компанијата Франк, посочи дека овие туристи ќе доаѓаат вон сезона и оти тие како компанија главно работат културолошки патувања.

-Главно работиме културолошки патувања и планираме да донесеме 35.000 гости следната година почнувајќи од февруари и благодарен сум што може да бидеме тука и да покажеме што планираме да правиме. Би сакал да се заблагодарам на премиерот за поддршката и за можноста да дојдеме тука во вашата прекрасна земја и мислам дека во иднина не очекува многу голема работа, рече Франк.

Премиерот Мицкоски истакна дека како Влада имаат главна стратешка цел да го поддржуваат туризмот и тоа, како што рече, била една од причините туризмот да го поврзат со Министерството за култура.

-Од февруари идната година околу 35.000 туристи надвор од сезоната ќе ја посетуваат Македонија, како организација на оваа туристичка агенција. Имаме намера да развиваме културен туризам и ние треба да ги покажеме нашите културни капацитети како што е градот Охрид, Скопје како главен град, Меморијалниот центар „Мајка Тереза“ и останати културни знаменитости коишто претставуваат наша карактерна особина како држава, бидејќи Македонија има многу такви места со кои може да се гордее, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека самата агенција „Ер-ес-де“ има повеќе од една милијарда евра годишен обрт и таа покрај туризмот се занимава со други области како што се маркетингот, телекомуникациите, енергетиката, хотелиерството...

-Од февруари идната година ќе носат по еден авион секој ден туристи кои ќе доаѓаат од Германија, Франција и од Велика Британија. Тоа би значело дека според просекот досега што досега е направен врз основа на искуствата на оваа компанија, тоа би значело дополнителни околу 30 милиони евра директни трошења кај нас на овие гости што ќе не посетат, и ако тука го вкалкулираме сместувањето и останатите трошоци можеме дури и да дојдеме од бројката од 50 милиони евра. Овие 35.000 гости ќе бидат на балканска тура - ќе почне со едно ноќевање во Скопје, потоа продолжува во Црна Гора, Албанија, потоа во Охрид каде што ќе има ноќевање и завршува со две ноќевања дополнителни во Скопје. Бројот на ноќевања што ќе ги имаат претстатвува од 10 до 15 отсто од вкупниот број ноќевања што ги остваруваат странските гости во овој момент кај нас, рече тој.

Планот е, додаде, да ги дуплираме овие чартер летови, но тоа ќе зависи од нас, бидејќи гостите имаат и свои побарувања во делот на сместувачките капацитети, и ие како држава треба да изградиме таков тип сместувачки капацитети кои ќе бидат атрактивни за овој тип на гости. 

- Да имате околу 30 милиони евра кеш ликвидност или вкупно со сместувачките капацитети, со транспортот, од 50 милиони евра годишно, и да имате околу 140.000 нови ноќевања, тоа претставува значителен успех, и како држава преку програмите кои веќе ги имаме поставено планираме ова сериозно да го поддржиме, и во периодот којшто следи да го зголемиме, рече Мицкоски на прес-конференција во Владата. нд/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан