• петок, 22 ноември 2024

Германска министерка предлага помош од Фронтекс на полско-белоруската граница

Германска министерка предлага помош од Фронтекс на полско-белоруската граница

Варшава, 30 октомври 2024 (МИА) – Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер предложи агенцијата за заштита на границите на ЕУ Фронтекс да биде распоредена на границата на Полска со Белорусија поради обвинувањата дека Белорусија и Русија превезуваат мигранти до надворешната граница на Европската унија.

За време на посетата во близина на граничниот премин во Половце, Фезер рече дека заедничкиот систем за азил на ЕУ, исто така, треба да обезбеди посилна заштита на надворешните граници на блокот, пренесе ДПА.

- И затоа можам да замислам Фронтекс да дава поддршка и овде, каде што би биле вклучени голем број германски полицајци, рече таа.

Полска и ЕУ го обвинуваат рускиот претседател Владимир Путин и неговиот сојузник, белорускиот лидер Александар Лукашенко, дека организирале трансфер на мигранти од завојуваните и осиромашени региони до надворешната граница на ЕУ со цел да извршат притисок врз ЕУ поради санкциите и да го дестабилизираат блокот.

И покрај изградбата на ограда висока пет метри и електронски систем за надзор, мигрантите секој ден продолжуваат да се обидуваат илегално да ја преминат границата. јт/

Фото: ДПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан