• недела, 22 декември 2024

Берлин ја зголеми воената помош за Украина за 400 милиони евра и покрај лошата состојба на буџетот

Берлин ја зголеми воената помош за Украина за 400 милиони евра и покрај лошата состојба на буџетот

Берлин, 19 септември 2024 (МИА) - Владата на Германија, покрај лошата состојба на државниот буџет, оваа недела ќе и стави на располагање на Украина дополнителни 400 милиони долари за воена опрема, соопшти Министерството за финансии.

Украинските војници кои се во тешкотии на фронтот на истокот на земјата претрпеа „тешки материјални загуби“ и постои „сериозен ризик дека без значително зголемена помош, Украина ќе биде поразена во својата одбранбена битка“, се наведува во соопштението.

Износот од 397,3 милиони евра се додава на веќе одобрената поддршка од 7,5 милијарди евра во буџетот за 2024 година, што ја прави Германија втора по големина за воена помош за Украина по САД. „Тие дополнителни 400 милиони евра треба да и бидат достапни на Украина без одлагање за да можат да имаат влијание на бојното поле во Украина, првенствено во текот на 2024 година“, напиша државниот секретар за финансии Флоријан Тончар во мејлот испратен до буџетската комисија на Бундестагот, која официјално треба да ја одобри помошта.

Во буџетот за следната година, за кој моментално се расправа во Парламентот, сумата предвидена за испорака на воена опрема во Киев е речиси преполовена на четири милијарди евра, што предизвика силни критики во Германија и загриженост на другите сојузници на Киев.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, сепак, негираше дека ќе има какво било замрзнување на помошта за Украина и даде уверување дека Германија ќе остане целосно ангажирана во поддршката на таа земја во војната. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан