• недела, 07 јули 2024

Герасимовски: За убави маалски дружби, нов сквер пред платото на Општина Центар, донација од Стопанска банка

Герасимовски: За убави маалски дружби, нов сквер пред платото на Општина Центар, донација од Стопанска банка

Скопје, 19 јуни 2024 

„За убави маалски дружби“, Општина Центар доби нов сквер како донација од Стопанска банка -  АД Скопје. Скверот е пред платото на Општина Центар на аголот од ул. „Михаил Цоков “ и ул. „Орце Николов“ и вклучува футуристичка инсталација т.н. „урбан атрактор“. Оваа урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, декоративно зеленило и паркинг за велосипеди се протега на површина од 56 метри квадратни. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и претставници од Стопанска банка го отворија новиот сквер порачувајќи дека ова катче ќе го оживее просторот и ќе биде ново збирно место за одмор и дружба.

„Ме радува што Дебар Маало добива нов сквер каде граѓаните и останатите минувачи ќе може да одморат. Овде има и паркинзи за велосипеди, па е одлично место за мала пауза од возењето или додека ги завршуваат обврските во околината. Слоганот „За убави маалски дружби“ доволно кажува дека скверот е ново место за дружење и социјализација и во вечерните часови, бидејќи ќе биде осветлен. Се надевам дека граѓаните и младите ќе го чуваат, со цел да го имаме и користиме сите ние подолго време“ вели Герасимовски.  

Маалските дружби ја негуваат поврзаноста меѓу домот и соседите рекоа од Стопанска банка. Токму ова е и инспирација за нивната донација. 

„Маалото е институција која треба да се негува, а маалските дружби играат голема улога за поголема приврзаност со домот и со соседите. Инспирацијата за оваа невообичаена урбана скулптура и сквер доаѓа од нашата традиција, веќе 80 години заедно да ја испишуваме најубавата приказна – ДОМА. Благодарни сме на Општина Центар за остварената соработка со нашиот тим како и на архитектонското студио за ова впечатливо здание“, изјави г. Бојан Стојаноски, Генерален директор за управување со ризици и Член на управниот одбор при Стопанска банка АД – Скопје.

Општина Центар ќе продолжи да ги негува позитивните соработки со општествено одговорните компании и ќе работи на нови естетски уредувања и нови проекти за граѓаните. Воедно општината упатува благодарност за донацијата која е навистина ново футуристичко урбано издание кое го збогатува Центар.

Општина Центар

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото Општина Центар 

Остани поврзан