• сабота, 06 јули 2024

Гаши очекува нова влада до средината на јуни

Гаши очекува нова влада до средината на јуни

Скопје, 13 мај 2024 (МИА) - Африм Гаши, еден од лидерите на коалицијата „Влен“, очекува земјава да добие нова влада до средина на јуни, бидејќи, како што вели, тоа е заложба и на „Влен“ и на ВМРО-ДПМНЕ.

-Денеска или утре ќе се формира работна група, можеби прво уште еднаш ќе разговараме на ниво на претседатели на партии, а потоа на ниво на генерални секретари или потпретседатели,  вели Гаши, во интервју за „360 степени“ емитувано на МРТ 1.

Според првичните преговори, како што посочува тој, очекувањата се земјава да добие нова влада до средината на јуни, оти заложбата за побрзо формирање влада, вели, е и на „Влен“ и на ВМРО-ДПМНЕ.

- Јас мислам дека до средина на јуни ќе има влада, ценам по првиот разговор кој го водевме. Ако така одат работите, мислам дека брзо ќе биде, рече Гаши.

Кога станува збор за преференции за ресори, иако не се разговарало за оваа тема на првиот состанок, Гаши истакнува дека нивна заложба е да имаат претставници во ресорите поврзани со петте столба за кои се залагале во изборната кампања, како интеграцијата во ЕУ, борбата против корупцијата, економскиот развој, децентрализацијата и образованието. Но, тоа, посочува Гаши, не значи дека луѓето на „Влен“ неизбежно треба да добијат министерски места во овие области.

- За овие ресори сакаме да имаме луѓе, наши членови да бидат на битни функции, но не значи и не мора да биде тоа министер. Нашиот концепт ќе биде владата да функционира како едно, да имаме една владина програма и да не е битно како ќе се вика министерот или од која етничка припадност е или од која политичка партија, вели лидерот на Алтернатива.

Според Гаши, идејата на ВМРО-ДПМНЕ за реорганизација на министерствата е прифатлива. -Ќе има реорганизација на министерствата, сакаме да се намали бројот, да се регрупираат…, вели меѓу другото Гаши. дма/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан