• сабота, 14 септември 2024

Гардијан: Украина доби зелено светло од Велика Британија за користење на ракетите „Сторм Шадоу“ на цели во Русија

Гардијан: Украина доби зелено светло од Велика Британија за користење на ракетите „Сторм Шадоу“ на цели во Русија

Лондон, 12 септември 2024 (МИА) - Велика Британија одлучи да му дозволи на Киев да ги користи ракетите „Сторм Шадоу“ за цели во Русија, пишува Гардијан, повикувајќи се на владини извори.

„Извори во британската влада објавија дека веќе е донесена одлука да и се дозволи на Украина да ја користи ракетата 'Сторм Шадоу' против цели во Русија, но тоа нема официјално да биде објавено во наредните денови“, пишува весникот.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека претставниците на земјите од НАТО треба да бидат свесни „со што си играат“ кога зборуваат за плановите да му се дозволи на Киев да гаѓа цели длабоко во руската територија со ракетни системи што Западот им ги доставува на вооружените сили на Украина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дискусијата за можната употреба на ракетите „Сторм Шадоу“ од страна на Киев за удар длабоко во руска територија ја нарече „играње со оган“.

Владимир Зеленски во јули изјави дека добил дозвола од британските лабуристи да ги користи овие ракети против цели во Русија. Подоцна, Министерството за одбрана на Кралството ја демантираше оваа информација.

Весникот Телеграф, повикувајќи се на извори во британската влада, објави дека американскиот претседател Џо Бајден би можел да ја укине забраната за употреба на англиската „Сторм Шадоу“ за удари против Русија.

Овластувањето на Вашингтон за користење на овие ракети е неопходно бидејќи тие се користат во тандем со американските системи. паг/

Фото: Икс

 

 

Остани поврзан