• понеделник, 18 ноември 2024

Вјоса Османи го започна годишното обраќање пред Собранието на Косово со нападот во Бањска

Вјоса Османи го започна годишното обраќање пред Собранието на Косово со нападот во Бањска

Приштина, 16 декември 2023 (МИА) – Косовската претседателка, Вјоса Османи своето годишно обраќање пред пратениците на Собранието на Косово го започна со нападот што се случи на 24 септември во Бањска во северно Косово, при што беше убиен припадник на косовската полиција, јави дописникот на МИА  од Приштина.

Османи рече дека тој ден Косово се соочи со најопасната ситуација уште од нејзиното осамостојување во 2008 година.

За нападот, во кој, покрај полицаецот Африм Буњаку, загинаа и тројца од напаѓачите, косовската претседателка го обвини српскиот државен врв, за кој рече дека крајна цел му била анексија на северниот дел на Косово и дестабилизација на целиот регион.

- Година на справување со тешкотии, особено во областа на безбедноста, бидејќи на 24 септември Косово се соочи со најопасната ситуација од нејзиното осамостојување. Паравоена терористичка група, финансирана, обучена и поддржана од Србија, а пред се водена од раководството на таа земја, изврши чин на агресија со јасен план да го анектира северот на Косово и да предизвика дестабилизација не само на нашата земја, туку и на целиот регион. Тој ден Косово беше соочено со агресор кој беше подмолен на дело, но видлив во амбицијата, со јасна намера да го наруши темелот на нашата република, за која се жртвуваа многумина низ генерациите, изјави Османи.

Таа порача дека „злокобниот план за дестабилизација на Косово и регионот го доби заслужениот одговор“.

- Овој напад, кој е во следот на српските шовинистички и хегемонистички идеи и планови, уште еднаш го разоткри вистинското лице на нашиот северен сосед, чиј траен сон останува остварување на фашистичкиот концепт на „српскиот свет“. Во ова време кога безбедноста е драстично предизвикана низ нашиот континент, злокобниот план за дестабилизација на Косово и регионот го доби заслужениот одговор, рече Османи.

Таа им оддаде признание на припадниците на косовската полиција за успешното справување со големиот предизвик на 24 септември и порача дека „Косово ќе ги брани своите граници во секој агол и по секоја цена“.

- Убија еден, но мобилизираа многу момчиња и девојки од редовите на полицијата, кои во истиот ден дадоа јасна порака: Косово нема да се повлече, Косово нема да биде скршено и Косово ќе ги брани своите граници во секој агол и по секоја цена, рече во своето излагање претседателката Османи. иа/

Остани поврзан