Вредноста на биткоинот надмина 80.000 долари
- Цената на криптовалутата Биткоин денеска за првпат го надмина прагот од 80.000 на платформата Bitstamp.
Њујорк, 10 ноември 2024 (МИА) – Цената на криптовалутата Биткоин денеска за првпат го надмина прагот од 80.000 на платформата Bitstamp.
Најстарата и најпознатата криптовалута се искачи за над четири проценти во споредба со претходниот ден, достигнувајќи до 80.047 долари.
Во изминатите седум дена, водечката криптовалута доби повеќе од 17 проценти во вредност. Другите криптовалути како Етер или Солана се зголемија уште понагло.
Аналитичарите стабилното зголемување го припишуваат на новиот политички пејзаж во САД по победата на Доналд Трамп на претседателските избори, пренесе ДПА. Поранешниот и иден претседател на САД беше поддржан од поголемиот дел од крипто заедницата за време на изборната кампања.
Трамп беше многу негативен за Биткоинот за време на неговиот прв мандат, од 2017-2021 година, но активно се додворуваше на крипто заедницата во овогодишната кампања за реизбор.
На големата конференција за Биткоин во Нешвил, Тенеси, Трамп вети дека ќе го задржи крипто пазарот во голема мера нерегулиран и ќе обезбеди евтина електрична енергија за „копање“ нови биткоини. јт/
Фото: ЕПА архива