• петок, 22 ноември 2024

Во 2022 во Србија издадени 498 работни дозволи на граѓани на Северна Македонија, годинава 179 дозволи

Во 2022 во Србија издадени 498 работни дозволи на граѓани на Северна Македонија, годинава 179 дозволи

Белград, 11 април 2023 (МИА) – Во Србија според податоците на Националната служба за вработување (НСЗ) од почетокот на годинава издадени се 179 работни дозволи, додека лани издадени се вкупно 498 работни дозволи за државјани на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во периодот од 1 јануари до 6 април 2023 година, надлежните ограноци на Националната служба за вработување, применувајќи ги одредбите од законот за вработување странци и прописите за дозволи, издале вкупно 179 работни дозволи на граѓаните на Северна Македонија, од кои 48 барања се одобрени на жени од оваа земја, наведуваат од НСЗ.

Минатата година, на македонските државјани им се издадени вкупно 498 работни дозволи, од кои 174 на жени, наведуваат од НСЗ, додавајќи дека од земјите на Отворен Балкан, на албанските државјани годинава им се издадени 24 работни дозволи (пет за жени).

Во првите три месеци од годинава Србија на странци им издала 11.717 работни дозволи, а лани вкупно 35.168, покажуваат податоците на Националната служба за вработување.

-И годинава најмногу работни дозволи се издадени на државјани на Кина, Русија, Турција, Индија, Куба, Македонија, Украина и Непал... На топ 10 листата се и соседите, а градежништвото како индустрија е дефинитивно предничи, изјавија од НСЗ.

Минатата година во Србија работеле точно 35.174 странци, што е за околу 12.000 повеќе од 2021 година, од кои најбројни се Кинезите со 10.044 работни дозволи и Русите со 8.081 дозволи.

Процедурата за добивање, односно издавање на работна дозвола во Србија засега е иста за сите странци, без разлика од која земја доаѓаат. Постапката е донекаде условена од видот на работната дозвола за која се поднесува барањето. Законот за вработување на странци пропишува седум видови работни дозволи, а особено е специфична работната дозвола за вработување, каде што работодавачот пред поднесување на барањето за дозвола е должен да поднесе барање за тестирање на пазарот на трудот.

Меѓутоа, граѓаните на Отворен Балкан, потписнички на Договорот за условите за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, кои во согласност со Договорот добиваат одобрение за пристап до пазарот во земјата на вработување, нема да бидат обврзани да аплицираат за дозвола за работа и дозвола за привремен престој во Србија.

Одобрувањето за слободен пристап на пазарот на трудот ќе биде дозволата за влез, престој и работа. Истото ќе важи и за српските граѓани доколку изберат да работат во Северна Македонија или Албанија.

За да започне имплементацијата на Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан, потребно е потпишување на протокол со кој подетално се регулира примената. Од Владата на Србија порачуваат дека забрзано ќе работат на имплементација на договорот меѓу трите земји, бидејќи тоа директно ќе влијае на зајакнувањето на економската соработка.

Од НСЗ за Бизнис.рс велат дека засега сè уште се издаваат дозволи за граѓаните на Северна Македонија и Албанија, како и за сите други кои сакаат да работат на територијата на Србија. об/нд/

 

Остани поврзан