• недела, 07 јули 2024

Во Штип ќе се гради Водоводна линија 2, но не целосно

Во Штип ќе се гради Водоводна линија 2, но не целосно

Штип, 22 април 2023 (МИА) - На Штип ќе му се потребни дополнителни пари за реализација на главната Водоводна линија два, која треба да го реши проблемот со водоснабдувањето на високите зони, но и развој и нови индустриски зони.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека од 1,5 до најмногу два милиона евра ќе мора дополнително да се обезбедат за целосно да се изведе проектот Линија 2 откако инфлацијата ги „изеде“ парите. Ваква сума покажале пресметките кои мораше повторно да се направат откако беше посочено дека поради инфлацијата со обезбедените 1,2 милиони евра ќе се изостави изградбата на двата резервоара и дел од водоводната линија. Во моментов Општината ги нема тие пари.

-Самата инфлација предизвика да се намали трасата и должината на водоводната линија којашто треба да се реализира за да се стави во функција оваа Линија 2 и да се изостават двата резервоара, резервоар – Пребег и резервоар – Мери. Од проценките и од пресметките коишто можеме да ги добиеме, за да се стави во функција оваа главна водоводна линија со двата главни резервоара, коишто ќе придонесат за целосно водоснабдување на сите делови од градот, ќе бидат потребни дополнителни од 1,5 до 2 милиони евра коишто во овој момент ги немаме, рече Јорданов.

Тој посочува дека до крајот на 2023 година проектот мора да се реализира до степен којшто е одобрен од ТАВ. Во комуникација со фирмата подизведувач како Општина имаат информации дека со работа на она што е одобрено ќе се почне деновиве. Но проектот нема да биде завршен, а за дополнителните средства ќе се прави план како да се обезбедат.

Јорданов планира и аплицирање во Министерството за животна средина, преку заемот од Европската инвестициона банка наменет за водовод и канализација.

-Очекувам до крајот на годината фирмата подизведувач да започне со работа. Ние во комуникација со нив добивме информација дека деновиве официјално треба да започнат со изведба на дел од трасата, на дел од Линија 2, затоа што немаат доволно средства за да ја реализираат во целост. Елементите коишто треба да бидат вградени и поставени во самата траса се веќе пристигнати на територија на Општина Штип и деновиве треба да започнат со работа. Сѐ уште немаме точен датум, вели Јорданов.

Проектот Водоводна линија 2 ќе значи опфаќање на дел од Плуждино, викенд населбата Плуждино и индустриската зона, но и стабилно и целосно водоснабдување на повисоките зони од градот. Инаку, средствата се добиени преку ТАВ програмата, од каде од 35 милиони евра за карго-аеродромот во Штип, на Општината ѝ беа доделени 1,2 милиони евра. вдј/вг/

 

Фото: МИА  

Остани поврзан