• петок, 22 ноември 2024

Во Штип се празнува „Четрсе“, обичајот кој е на листата на нематеријално богатство на УНЕСКО

Во Штип се празнува „Четрсе“, обичајот кој е на листата на нематеријално богатство на УНЕСКО

Штип, 22 март 2024 (МИА) - Религиозно и организирано празнување практикуваат штипјани во рамки на познатиот обичај „Четрсе“. Вишиот кустос етнолог во Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип, Бети Иванова вели дека првото е поврзано со силната вера на 40 римски војници, кои заради Христос претрпеле сурова смрт, со каменување и фрлање во замрзнатото езеро. Организираното празнување, го опфаќа она што денес е влезено на листата на светско нематеријално богатство на УНЕСКО.

-Оној религиозен аспект е поврзан уште од 320 година од новата ера и е поврзан со самиот празник Свети 40 маченици од Севастија. Што го поврзува ова празнување со празникот? Тоа е казнувањето и каменувањето на 40 римски војници во Севастија и фрлање во замрзнатото езеро. Оваа казна била извршена затоа што тие верувале во Бога и поради нивното верување биле каменувани и фрлани во езерото. Организираното празнување на празникот за 22 март – Денот на пролетта потекнува од средниот век, односно од владеењето на Османлиите, кога на самата тврдина на овој ден се организирале пеливански борби во коишто учествувале и муслиманското и христијанското население, појаснува Иванова.

На овој ден штипјани, но и гости од цела држава го продолжуваат обичајот со ускачување на тврдината Исар, собирање каменчиња, и поздравување со 40 луѓе. Денеска се е во знакот на бројот 40.

-Уште од раните утрински часови граѓаните се качуваат кон тврдината и свртени кон реката Брегалница фрлаат каменчиња. Оние кои се немажени или неженети фрлаат 39 каменчиња, а 40 го ставаат под перница верувајќи дека ќе го сонуваат својот иден сопатник, рече Иванова.

И годинава продолжи негувањето на вековната традиција во Штип искачување на тврдината Исар, во рамки на одбележување на обичајот „Четрсе“. Обврска која треба да исполниме е да го сочуваме, но и промовираме културното наследство на градот Штип, истакна денеска градоначалникот, Иван Јорданов.

-Она кое што е наша обврска е дека мора да ја продолжиме традицијата и да го сочуваме, но и да го промовираме, затоа што не само ова Штип има богато културно наследство кое се надевам дека со годините кои престојат ќе го искористиме во во насока на развој на туризмот и подигање на потенцијалот којшто го имаме какко град, вели Јорданов. На Исарот се искачија и пратениците во македонското Собрание, Никола Мицевски и Драган Ковачки.

-Ден за традиција, а тоа беше потврдено и од Министерството за култура, оти е дел од УНЕСКО како нематеријалното културно наследство. Ова за нас е и обврска за да ја чуваме и негуваме традицијата, вели Мицевски. 

Средношколците од штипската гимназија „Славчо Стојменски“ во рамки на проектните активности за странски јазици, подготвија летоци кои ги поделија на случајни минувачи, со што се потенцираше значењето на денешниот празник и почитувањето на обичајот „Четрсе“. вдј/сст/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан