• петок, 22 ноември 2024

Во Штип се градат конзоли на реката Отиња од Влашкиот мост до судската зграда

Во Штип се градат конзоли на реката Отиња од Влашкиот мост до судската зграда

Штип, 25 јануари 2024 (МИА) - Почна изградбата на пешачките конзоли на коритото на река Отиња, на потегот од Влашкиот мост до зградата на Основниот и Апелациски суд во Штип, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Реализацијата на овој проект, што треба да го реши проблемот со сообраќајниот хаос во централното градско подрачје за овој потег чини 10 милиони денари.

- Ова што ќе се реализира ќе овозможи да се регулира паркирањето во централното градско подрачје, но и она што сакам да го најавам е и дека ќе има измена и во сообраќајниот режим, односно движењето на возилата на еден друг дел, во кој е опфатен и изградба на еден нов кружен тек кај зградата „Порта Пролет“. Со овие активности сметаме дека ќе се подобри функционирањето на двете главни сообраќајници во центарот на градот, рече Јорданов.

Тој најави дека за да се воведе двонасочен сообраќај на потегот од зградата на Основниот суд до зградата „Порта Пролет“ ќе мора претходно  да се зголемат паркинг површините пред зградата на судот, потоа кај стариот Градски пазар и кај седумте Кули, за да можат жителите на станбените згради и куќи да си ги паркираат возилата.

Јорданов истакна дека во центарот на градот се гради и првата катна гаража, а очекува сите инфраструктурни проекти во центарот на градот да завршат во јуни годинава, со што Штип ќе добие еден помодерен изглед. вдј/цр

 Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан