• недела, 16 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Штип отворен Центар за услуги

Во Штип отворен Центар за услуги

Штип, 15 март 2025 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска во општинската зграда, каде што е едношалтерскиот систем во функција го ставија новиот Центар за услуги наменет за грѓаните на Штип и околината. Вработени од Министерството за дигитална трансформација во Штип ќе им помагаат на граѓаните да вадат околу 300 документи од кои имаат потреба. Во оваа канцеларија ќе може да извадат имотен лист, извод од матична книига на венчаните, услуги од МВР, документи од ЕВН и потоа М1 и М2 и слично.

-Претставува исклучителна важност за нас како Министерство за дигитална трансформација што од одличната соработка со општина Штип, произлезе овој нов проект, нов Центар за услуги кој истоврмено е и меѓу првите во Македонија што го правиме во соработка со општините, истакна Андоновски.

Министерот додаде дека вработените во министерството кои се од територија на градот Штип, од денеска се ставени во функција на граѓаните со цел поголема достапност на граѓаните до поголем број на административни услуги.

 -Луѓето кои што се вработени во Министерството за дигитална трансформација одговорни за Штип ќе им издаваат административни услуги на граѓаните, токму тука, ова е еден вид собирање на сите услуги кои што се достапни на порталот да бидат достапни на граѓаните на едно место, изјави Андоновски.  

Тој додаде дека интензивно се работи на нови услуги на националниот портал и наскоро очекува да се приклучат и останатите институции со цел граѓаните да имаат поголема корист и да заштедат на време.

-Мислам дека граѓаните ќе го препознаат ефектот на доближување на услугите до нивното место на живеење, и оние кои не се подготвени за онлајн аплицирање, тоа можат да го сторат со помош на вработените во овој Центар за услуги, заклучи министерот Андоновски.

 Градоначалникот, на Општина Штип, Иван Јорданов на денешното отворање на Центарот посочи дека со ова ќе се направи голем исчекор во подобрување на ефикасноста на институциите.

-Преку оваа канцеларија ќе имаме дигитална поврзаност на повеќе институции со кои граѓаните комуницираат и имаат потреба од нив. Верувам дека ќе се направи значаен исчекор во подобрување на ефикасноста и на институциите на задоволство на сите граѓани, рече Јорданов.

Вакви Центри за услуги претходно се отворени во Општина Аеродром и во Општина Јагуновце. Канцеларијата ќе работи од понеделник до петок,а во зависност од потребите на граѓаните се размислува за воведување и на втора смена. вдј/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан