• среда, 30 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Штип одбележан Меѓународниот ден на Ромите

Во Штип одбележан Меѓународниот ден на Ромите

Штип, 8 април 2025 (МИА) – Општина Штип денеска го одбележа Денот на Ромите. Со интонирање на ромската химна и доделување на вредносни ваучери на најдобрите основци, средношколци и студенти Роми денеска во зградата на општината се одбележа 8 април. Беами Шаќиров вработен во Општина Штип вели дека  и годинава акцент  ставаат на образованието на младите од ромската заедница, бидејќи од голема важност е да се има соодветно образование со цел понатаму и Ромите да можат да се вработуваат и да бидат конкурентни на пазарот на труд.

-По повод 8 Април, имаме настани со кои го одбележуваме Денот на Ромите. Како и секогаш првиот дел е образованието, без образование не можеме да бидеме на позиции, каде ние ќе одлучиме. Со образованието се отвараат и други работни места, изјави Шаќиров. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека општината на ваков начин ја стимулира желбата кај учениците, да завршат образование, да се надоградуваат, за понатаму да можат соодветно да бидат вработени.

-Заедно со најдобрите основци, средношколци и студенти Роми, со интонирање на ромската химна и со доделување вредносни ваучери, сакајќи да го стимулираме нивниот допринос, вложувајќи во себе, вложуваат во знаење, во нешто што ќе даде вредност во општеството, а верувам дека тие ќе бидат пример за останатите нивни сокласниици и колеги, рече Јорданов.

 Учениците се задоволни, велат дека ова за нив значи поттик да продолжат да учат и во иднина.

Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов вели и дека наскоро се очекува и решавање на станбеното прашање на над 40 семејства од ромската заедница. Во завршна фаза се изградбата на типските куќи во населбата „Света Недела“, а  во кои ќе се сместат семејствата кои живеат во сибстандардни услови во објектите на старото Нервно одделение.

Инаку, меѓународен ден на Ромите е прослава на ромската култура и подигнување на свеста за проблемите, со кои тие се соочуваат. Денот службено бил прогласен во 1990 година во Полска, местото каде што се одржал четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија, а во спомен на првата поголема меѓународна средба на ромските претставници. вдј

Фото: МИА

Остани поврзан