• петок, 28 јуни 2024

Во штипски „Безистен“ изложба на делата на Владимир Георгиевски

Во штипски „Безистен“ изложба на делата на Владимир Георгиевски

Штип, 25 април 2023 (МИА) - Проект „Музеум-линк“ кој ги обединува сите музеи и домови на културата во државата започна од Штип. Во негови рамки во уметничката галерија „Безистен“-Штип  беше изложен дел од ликовниот опус на ликовниот уметник Владимир Георгиевски. Изборот е направен на начин што најдобро ќе ги претстави темите со кои се занимавал Георгиевски, а неговата ќерка посочува дека негова голема желба била делата да му бидат претставени надвор од главниот град.

-Што велат критичарите? Мислам дека сега после толку години има разбирање и единственост околу ставот дека неговото творештво е вредно и дека треба да се гледа, да се промовира и да го видат што повеќе луѓе. Темите со коишто тој се бавеше се универзални, темата на човекот, на неговиот пат, на страдањето на човекот и на неговиот животен пат, верата, убавината на природата, којашто беше неговиот најголем учител, така што се надевам дека посетителите ќе оформат сличен став и ценење на она што ќе го видат, изјави Фросина Георгиевска, ќерка на Владимир Георгиевски.

Проектот „Музеум-линк“ е во организација на Музејот на град Скопје, а ја опфаќа првично ликовната уметност, но низ музеите и домовите на култура се пренесени и фотографски проекти, како и друг различен вид уметност со цел претставување млади уметници.

Директорот на НУ Завод и Музеј – Штип, Митко Штерјов, посочи дека станува збор за соработка која е од особено значење за градот, која и понатаму ќе продолжи.

-Таа соработка успешно ја продолжуваме, така што како почеток е оваа изложба во Штип и ќе продолжи во повеќе градови низ Македонија. Ние како институција го продолжуваме она што го ветивме дека ќе соработуваме со сите уметници, ликовни дејци и институции и се надеваме дека успешно ќе продолжиме, изјави  Штерјов.

Изложбата во штипскиот „Безистен“ ќе остане отворена уште десетина дена. НУ Завод и Музеј – Штип периодов ќе започне и со реализација на проектите одобрени преку Министерството за култура, како и низа изложби и настани, од кои дел ќе влезат во Штипско културно лето. вдј/вј/

 

Фото: МИА

Остани поврзан