• петок, 05 декември 2025

Во Струга тренинг посветен на моќта и можностите што ги нудат одржливиот туризам и културата

Во Струга тренинг посветен на моќта и можностите што ги нудат одржливиот туризам и културата

Струга, 30 јуни 2025 (МИА) – Улогата на одржливиот туризам и културните иницијативи во развојот на локалните заедници ќе биде главната тема на дискусија на тренинг-сесијата што задутре ќе се одржува во Струга, во рамки на проектот ПРОСПЕР (Прототип за оджливи резиденции на периферии).

На настанот насловен „Оживување на заедниците: Моќта на одржливиот туризам и културата“ преку едукативна и интерактивна дискусија ќе бидат презентирани позитивни примери на уметнички резиденции, културни колонии и фестивали, како иновативни алатки за јакнење на заедниците и поттикнување на креативна и разработување одговорна туристичка понуда.

Настанот ќе се одржува во Европската куќа во Струга од 20 часот, под водство на Катерина Василеска, а предвидена е и отворена дискусија инспирирана од темите на сесијата, со фокус на образование, развој на вештини и иновации во областа на одржливиот и алтернативниот туризам. Дискусијата ќе се одвива во хибриден формат со цел размена на искуства и идеи.

Во продолжение, посетителите и учесниците ќе имаат можност да го погледнат виртуелниот перформанс „Ехо од длабочината“ на авторите Нина Николиќ и Борјан Стојков, што ја истражува кревката убавина на Охридското Езеро и еколошките предизвици со кои се соочува.

Бројот на учесници на тренингот и отворената дискусија е неограничен, додека бројот на оние што ќе сакаат да ја следат виртуелната презентација е ограничен на осум. Заинтересираните за настанот можат да најдат линкови за регистрација на веб страницата на Перипетија продукција: www.peripetija.com

Проектот е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, како и од Министерството за култура на Република Северна Македонија. аб/лв/

фото/плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан