• понеделник, 23 декември 2024

Во Софија отворена изложба на македонски уметници во рамки на АКТО фестивалот

Во Софија отворена изложба на македонски уметници во рамки на АКТО фестивалот

Софија, 16 јуни 2023 (МИА) - „Прекаријатот има шанса - Јавни простори во движење (кон)“ е групна изложба на македонски уметници која од денеска е отворена во галеријата „Структура“ во бугарскиот главен град Софија. Изложбата е во рамките на АКТО фестивалот за современи уметности.

Како што јави специјалниот известувачот за МИА од Софија, со оваа изложба која е составена од 18 дела од 20 македонски уметници, е отворено 18. издание на овој Фестивал.

На изложбата се претставени делата на уметниците Елена Чемерска, Искра Димитрова, Христина Иваноска, Славица Јанашлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Верица Ковачевска, Шќипе Мехмети, Оливер Мусовиќ, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, ОПА, Александра Петрушевска Ристовска, Нада Прља, Дита Старова Ќерими, Никола Узуновски, Драгана Заревска и Ѓорѓи Десподов.

Куратор на изложбата е Ивана Васева.

За време на отворањето на изложбата, Васева за МИА изјави дека ја радуваат позитивните импресии од посетителите од Бугарија.

- Дури и во ситуацијата која ја имаат двете земји, што функционира на сосема поинакво ниво надвор од обичните граѓани, се покажа дека постои интерес за тоа што се случува во ументоста во нашата држава, додаде Васева.

Темата на изложбата, како што посочи таа, е генерална, односно се однесува на сите средини не само меѓу овие две земји, а тоа е губење на јавниот простор, приватизација, преголема урбанизација и урбана трансформација на градот, која води  до губење на јавниот човек и на јавното мислење

- Мислам дека ние некако станавме можеби премногу зависни од социјалните мрежи, од други начини на изразување кои некако ја хистеризираат јавноста, но просторот за аргументирана здрава дебата се повеќе се намали и тоа е и под влијание на губење на јавниот простор. Тоа е некоја општа рамка за оваа изложба, а тука се застапени 18 дела од 20 уметници бидејќи едно дело го работат двајца уметници, потенцираше Васева.

Како што рече таа, застепни се дела од класичен формат - слики и графики, до поинтердисциплинарни формати на јавно работење во јавниот простор, работење со други луѓе, со луѓе со посебни потреби, издигање на женското прашање, на присуство на жената и гласот на жената.

Славица Јанашлиева, визуелен ликовен ументик за време на изложбата вечерва за МИА посочи дека се претставува со делото кое зборува за емотивна и умствена состојба на човекот кога ќе се најде во туѓа земја.

- На изложбата се претставувам со свое дело - објект. Мојата продукција е поделена на два типа на творештво, графичко творештво и она што се нарекува концептуално објектно творештво. Тука се претставувам со објект „Мигрант е мигрант или јас“. Зборувам за тешкотиите со кои се соочуваат мигрантите, односно онаа состојба емотивна и умствена кога човек ќе се најде во туѓа земја каде што се чувствува како граѓанин од втор ред. Секогаш одиме во потрага за подобар живот, меѓутоа дали тој подобар живот емотивно ќе ни донесе подобрување и добро чувство или пак ќе се чувствуваме малку полошо. Зборувам за комплексна ментална состојба, појасни Јанашлиева.

Таа вели дека ја радува фактот што во галеријата во Софија се претставуваат повеќе македонски уметници со различни техники на дела, но она што ја радува е што на изложбата се присутни и уметници од Бугарија.

- Генерално, тука се луѓе кои се дел од уметничкиот свет, луѓе кои ги познаваме - ументици или историчари на уметноста или куратори. Се надевам дека ќе има посета и од помлада публика, студенти од Факултетот за ликовни уметности во Софија, додава Јанашлиева.

На прашања какви импресии очекува од посетителите од Бугарија, таа смета дека и двата народи по менталитет се многу блиски и ќе ги разберат делата.

- Мислам дека по менталитет сме навистина блиски и дека посетителите од Бугарија ќе ги разберат делата, апропо овие тензии кои што се меѓу нашите две држави и мислам дека меѓу уметниците и интелектуалците нема недоразбирања. Она што ја чини суштината на уметникот е широчината на умот и ние можеме отворено да разговараме за некакви различни мислења и да се договориме за конзензус, додаде Јанашлиева.

„Прекаријатот има шанса - Јавни простори во движење (кон)“ е изложба која опфаќа различни уметнички потфати кои повторно ја бараат и редефинираат јавната сфера и јавниот простор преку креирање тактики за нејзино освојување и пристап за прекаризираните и замолчените.

АКТО фестивалот за современи уметности е еден од ретките вонинституционални фестивали во земјава со долг континуитет на одржување. АКТО 18 се реализира во продукција на Факултетот за работи што не се научат – ФРУ во партнерство со Галерија Структура од Софија, со поддрка на Trust For Mutual Understanding (TMU) од Њујорк.

Изложбата ќе биде отворена во Софија до 29 јули. бт/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан