• понеделник, 23 декември 2024

Во Собранието пауза на стартот на продолжението на седницата за владината реконструкција

Во Собранието пауза на стартот на продолжението на седницата за владината реконструкција

Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) -  Во Собранието на почетокот на денешното продолжение на 104. седница за владината реконструкција е објавена пауза, откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара присуство на седницата на премиерот Димитар Ковачевски. 

Пратениците треба да продолжат со расправа за предлогот за разрешување на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Претходно, во рамки на оваа прва точка од 104. седница заврши расправата за предлозите за разрешување на министерот за здравство Беким Сали и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.

Според последните најави за збор по предлогот за разрешување на Чупи се пријавени вкупно 39 пратеници.

На дневниот ред на 104-тата седница се и назначувањата на новите министри - Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.

Во рамките на оваа седница треба да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу.

Како последна, четврта точка на 104-та е седница се предлозите за избор на заменици-министри и тоа Тирон Јајага за одбрана, Викторија Аврамовска-Мадиќ за правда, Маја Манолева за здравство, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука.

Седницата почна на 13 февруари, а претходно Собранието ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу. лв/аа/

Остани поврзан