Во рамки на МВР отворен Регионален центар за обука и серификација на кучиња за откривање оружје
- Во рамки на Министерството за внатрешни работи денеска беше отворен Регионален центар К9 за обука и сертификација на кучиња, со поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, каде свои обраќања имаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса.
Скопје, 30 септември 2024 (МИА) – Во рамки на Министерството за внатрешни работи денеска беше отворен Регионален центар К9 за обука и сертификација на кучиња, со поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, каде свои обраќања имаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса.
Според Тошковски, Регионалниот центар е од исклучително значење за земјава, како од аспект на стратешко делување, така од аспект и на оперативно делување во рамки на МВР.
– Со овој нов објект којшто го имаме овде, освен што достоинствен третман имаат едни од главните соработници на полицајците во рамки на одредени оперативно-тактички задачи, а тоа се кучињата, имаме подостоинствени услови за функционирање и на сето она што значи спроведување на соодветни оперативни мерки од страна на полициските службеници во овој дел. Колку што бев информиран, во рамки на овој проект овде, се вложени негде од прилика околу 2 милиони евра, кои што се поврзани со овој комплекс, рече Тошковски.
Соработката со ОБСЕ, додаде, е круцијална во насока на подобрување и зголемување на професионалните капацитети на Министерството.
– Се надевам дека сите оние планирани средства, кои што се обезбедени од страна на ОБСЕ ќе можеме да ги ефектираме соодветно, се со цел да може да се поткрене капацитетот и професионалното функционирање на сите полициски службеници во рамки на Министерството за внатрешни работи, додаде Тошковски.
Заменик шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја нагласи заедничката посветеност во справувањето со недозволената трговија на мало и лесно оружје во регионот.
– Денеска сме собрани овде поради нашата заедничка посветеност за справување со недозволената трговија со мало и лесно оружје во регионот, преку финансиската поддршка на нашата донаторска заедница, односно САД, Германија, Европската унија, Франција, Белгија, Норвешка и Словачка. Мисијата на ОБСЕ во Скопје со проектот за мало и лесно вооружување ја покажува нашата цврста посветеност во зајакнувањето на оперативните капацитети на полициската кучешка единица за откривање оружје. Од надградба на опремата и инфраструктурата за кучешките единици, до развивање на нови стандардни оперативни процедури и програми за обука, рече Пенкса. ра/аа/
Фото: МИА