• понеделник, 25 ноември 2024

Царинска управа: Спречени обиди за криумчарење на стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока

Царинска управа: Спречени обиди за криумчарење на стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Царински службеници и мобилни тимови во текот на изминатите денови спречија обиди за криумчарење на стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока, кабли за електрична инсталација и друга стока, а до едно лице е поведена и прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило, информираат денеска од Царинската управа.

На меѓународниот аеродром Скопје се откриени 616 стоматолошки инструменти и четири килограми порцелански прав и основен порцелан за стоматологија, при контрола на куфери во сопственост на турски државјанин кој допатувал со лет од Измир. Откако при рентгенска контрола на куферите на патникот биле забележани неправилности, била извршена детална контрола при што биле пронајдени непријавените производи. Тие се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Царински службеници на царинска испостава Меѓународен аеродром Скопје, спречиле шверц на девет  кутии импланти за гради кои патник, државјанин на Австрија, сакал да ги внесе во државава без да ги пријави. При контрола на патникот, во багажот, во еден од куферите, се откриени непријавените импланти, за кои патникот не поседувал, ниту дозвола за увоз за таков вид на стока од надлежна институција. Против патникот е поднесена соодветна пријава, а имплантите се запленети

Царинската управа спречила криумчарење на 96 штеки цигари што по воздушен сообраќај македонски државјанин сакал да ги внесе во Лондон. Царински службеници на царинска испостава Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на куферот во сопственост на патникот ја пронашле непријавената акцизна стока. Штеките цигари се запленети, а против патникот е поднесена соодветна пријава.

Триесет и три штеки цигари без акцизни маркички, се запленети и при контрола на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.  Штеките цигари се пронајдени во фрижидерот во кабината на камионот, во кеса сместена над резервоарот и во надворешна преграда на влекачот.

Во два случаи мобилни тимови при контрола на стока пријавена за увозно царинење наменета за увозници од Скопје откриле поголема количина играчки со ознаки на заштитени трговски марки (вкупно 246). Производите се запленети поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и истовремено е започната постапка за утврдување на нивната оригиналност. Вредноста на задржаните производи, доколку би се продавале како оригинални, е проценета на околу 759 илјади денари.

Мобилен тим на Царинската управа при контрола на камион пријавен како празен на граничен премин Блаце откриле 180 метри кабел за електрична инсталација. Непријавената стока била откриена во камион со косовски регистарски таблички управуван од македонски државјанин. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка. На влез на граничниот премин Блаце мобилен тим при контрола на автомобил открил и непријавени 114 кутии со термоси за вода. Термосите требало да завршат на македонскиот пазар.

За македонски државјанин е поведена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило.

Имено царински службеници при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево, откриле комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајна дозвола. Возачот изјавил дека истите се од возило кое го расходувал во Бугарија, но, согласно евиденцијата за влез и излез на возила на Министерството за внатрешни работи, е констатирано дека возилото имало остварено влез во државата во 2019 година, а потоа не е евидентирано на излез од државата. Поради сомневање дека возилото било пуштено во слободен промет без претходно да биде оцаринето и платени увозни давачки, против сопственикот е поведена прекршочна постапка до надлежен суд.

Царинската управа запленила 2 комплети од рачен часовник и бижутерија обетки, прстен и синџирче, откако ниле откриени при контрола на автобус со македонски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Сплит – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените производи, сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, биле пронајдени во ранец и две најлонски кеси сместени во просторот за багаж на автобусот. Против патникот е поведена соодветна постапка.

Царински службеници на граничен премин Дојран заплениле 4.320 парчиња реквизити за маскенбал поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Вредноста на задржаните производи, доколку би се продавале како оригинални, е проценета на околу 259 илјади денари. Започната постапка за утврдување на нивната оригиналност. сст/дма/

фото: Царинска управа

Остани поврзан