• понеделник, 23 декември 2024

Ахмети на средба со Рокас: ЕУ е  нашата единствена алтернатива 

Ахмети на средба со Рокас: ЕУ е  нашата единствена алтернатива 

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на ДУИ Али Ахмети во седиштето на партијата во Тетово се сретна со евроамбасадорот Михалис Рокас.

Ахмети и Рокас, како што информира ДУИ, разговараа за сите политички прашања во нашата земја, за неопходните реформи за европска интеграција, за легитимитетот и Охридскиот договор и за изборите во Северна Македонија. 

Ахмети, како што се наведува, го информира амбасадорот Рокас дека ДУИ е партија која ни за момент не се колеба од својата евроатланска определеност и ориентација.

- За нас евроинтеграциите се без алтернативи и ДУИ дава целосна поддршка за продолжување на преговорите и спроведување на реформите без никакво одлагање и со политички консензус, изјавил Ахмети. 

Во однос на Охридскиот договор, Ахмети потсети дека ЕУ и САД се гаранти на мировниот договор и дека меѓуетничките односи се, како што се наведува, многу оптоварени со непромислените чекори на владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност итн. 

- Северна Македонија и Македонците не изгубија ништо од рамноправноста со Албанците, а државата воопшто не е загрозена од спроведувањето на Охридскиот договор. Политичкиот дијалог во државата мора да го почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија, се вели во соопштението.

Ахмети, како што се наведува, повтори дека решението за оваа тешка ситуација се заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година. мд/са/

Фото: ДУИ 

 

 

Остани поврзан