• петок, 22 ноември 2024

Во Прилеп се одржува светски куп во трки со дронови

Во Прилеп се одржува светски куп во трки со дронови

Прилеп, 30 јули 2023 (МИА) - На спортските терени во Паркот на Револуцијата во Прилеп денеска се одржува Светски куп во трки со дронови. За најдобри резултати и за трофеи се натпреваруваат 13 учесници од Србија, Бугарија, Чешка и од Македонија. Организаторот, воздухопловниот клуб „Фил феникс“ од Прилеп купот го одржува по седми пат и Северна Македонија веќе е етаблирана во светската воздухопловна федерација со овој спорт и најновата и најактуелна технологија.

- Светските купови и првенства почнаа 2016 година, а ние првиот куп го организиравме наредната, 2017 година. Ние сме во 10-те земји кои организираат и одржуваат светски купови.Реномето и на Прилеп, и на воздухопловниот клуб и на Македонија високо котира во меѓународната воздухопловна федерација. Тоа е голема афирмација, вели Здравко Тодороски, организатор и претседател на клубот „Фил феникс“ од Прилеп, воедно и меѓународен судија.

Трките со дронови бараат брзина, концентрација, виртуелно следење.

-Повеќе од шест години се занимавам со натпреварувања со дронови. Ги сакам вештините што се неопходни за дроновите. Имам учествувано на две светски првенства, на светски игри во САД, а годинава ќе учествувам на Светското првенство во Јужна Кореја, вели Бојан Ников од Македонија.

-Овој спорт ме прави да се чувствувам добро, концентриран сум. Дроновите  имаат широка примена, на пример во агрикултурата и не може да речеме дека се само за добро или лошо, ни изјави Антони Георгиев од Бугарија.

-Со дроновите сум три, а се натпреварувам две години. Ме привлекува електрониката. Овде условите се одлични, вели Милош Урошевиќ од Белград, Србија.

За спортот со дронови најбитна е брзината, а овој спорт ги дава и идните стручњаци во високата технологија, авио и вселенската индустрија.

-Многу е битно да се биде најбрз. Има сложени процеси, ова е и наука зашто научуваш како дронот најдобро да лета според личните можности како пилот, смета Сотир Лазарков, претседател на Воздухопловниот сојуз на Бугарија и меѓународен судија на трки со дронови, кој беше дел од жири комисијата на денешниот Светски куп во Прилеп.

Светското првенство на трки со дронови ќе се одржи во Јужна Кореја. Досега на Светските купови во Прилеп учествувале околу 150 натпреварувачи во трки со дронови од цел свет. ем/цр

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан