• петок, 22 ноември 2024

Во Прилеп се одржува меѓународна работилница за земјите од Западен Балкан: Вештачката интелигенција може многу да помогне во заштитата на животната средина

Во Прилеп се одржува меѓународна работилница за земјите од Западен Балкан: Вештачката интелигенција може многу да помогне во заштитата на животната средина

Прилеп, 26 септември 2024 (МИА) - Повеќе од 20 експерти од земјите на Западен Балкан учествуваат на меѓународната работилница „Промоција на еко-активизам поддржан од вештачка интелигенција во Западен Балкан“ што ја организира „Центарот за иновации и развој ИНОС“ од Прилеп во соработка со „Quantum AI Foundation“ од Полска.

Вештачката интелигенција може многу да помогне во зачувувањето на животната средина, а граѓаните да бидат активни учесници за детектирањето на проблемите со отпадот, заклучија учесниците на работилницата која трае денеска и утре во Прилеп. Целта е да се промовира меѓусебна соработка и размена на знаења помеѓу земјите од Западен Балкан и да се поттикнат нови иновативни решенија за справување со климатските промени и зачувувањето на природата преку примена на вештачката интелигенција.

-Нашиот Центар за иновации и развој вторпат учествува во програмски софтвери за заштита на животната средина. Прво за детектирање на загадувањето на воздухот, а сега и за заштиата на средината преку детектирањето на проблемите со отпадот. Софтверската компанија со која Центарот за иновации и развој е во тесна соработка изработи софтверско решение во кое граѓаните може да партиципираат во лоцирањето на сметот. Вештачката интелигенција во ова софтверско решение е имплементирана да може да го препознае типот на сметот: пластика, метал, хартија, био-отпад, градежен шут. Секој со мобилниот телефон може да направи фотографија и преку апликација да се проследи.  Со тоа може да се детектира локацијата и видот на отпадот за да се исчисти. Софтверското решение може и да анализира каде има смет, дали се потребни дополнителни средства да се подигне или контејнери. Прво сакаме да детектираме како функционира во Прилеп и некоја соседна општина. Подготвени сме решението да го понудиме на заедницата, објаснува Ѓорѓи Манчевски, универзитетски професор и основач на Центарот за иновации и развој од Прилеп.

Златко Ристески од Прилеп, долгогодишен проучувач на состојбите со решавање на проблемите со комуналниот и друг вид отпад, го поздравува софтверското решение за заштита на животната средина.

-Тоа многу ќе ја олесни работата во решавање на комуналните проблеми, во заштитата на средината и детектирањето на потребните средства и ресурси да се намали загадувањето преку отпадот, а ќе помогнат граѓаните, вели Ристески, управител со отпад.

Земјите од Западен Балкан мора да ги следат светските практики.

-Имаме платформи, неколку апликации и видовме дека има резултати. Пред сѐ, тоа треба да дејствува кај најголемата популација која ги користи социјалните мрежи. Интенција ни е токму младите од 25 до 35 години кои се најактивни на Интернетот да ги натераме да обратат внимание на заштитата на животната средина. А нам, на земјите на Балканот ни треба работа на подигнување на свеста, а таа работа треба повеќекратно да се зголеми, зашто има одреден отпор поради навиките на населението, изјави Александар Видановиќ од Здружението за екологија и заштита на животната средина „Геа“, Србија.

Оваа меѓународна работилница е поддржана од Централноевропската иницијатива (CEI). ем/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан