• сабота, 05 октомври 2024

Во Прилеп отворена изложба „Различностите што нѐ поврзуваат“

Во Прилеп отворена изложба „Различностите што нѐ поврзуваат“
Прилеп, 10 ноември 2022 (МИА) - Во прилепската градска библиотека денеска беше отворена изложбата на 20-тина дела од учесниците на шестнеделна школа  за интеррелигиски комуникации што ја организираше невладиното здружение „Станица П.Е.Т.“ во соработка со националниот демократски институт. Изложбата е со наслов „Различностите што нѐ поврзуваат“. Како што објаснува Весна Шапкоски, извршна директорка на здружението „Станица П.Е.Т.“  целта е да се сврти вниманието на јавноста дека различностите во нашето општество, особено религиозните, културолошките и јазичните се токму она што ние гласно треба да го истакнеме, наместо да го потиснуваме и да го прикриваме.   -Тоа не се дела на професионалци, туку се на луѓе кои ја разбудија креативната страна во себе си, научија како меѓусебно подобро да комуницираат, да се изразуваат, како слободно да ги изразуваат своите слободи и ни покажаа дека работите кои нѐ поврзуваат се многу поголеми и побитни од оние кои нѐ делат, изјави Весна Шапкоски. Учесниците на школата имаа можност да учат за меѓусебната комуникација, за интеррелигиските вредности и слободи, за креативниот активизам и за работатата во заедницата. -Идентификувавме последниве години дека е растечка затвореноста во религиозните групи, има слаба комуникација. Тоа е резултат на некомуникативноста и растечкиот број лажни вести и дезинформации кои се шират. Заклучокот и пораката од овој проект е дека и институциите и граѓанските организации повеќе треба да ја препознаат улогата на религиозните групи и повеќе да ги вклучуваат во нивните активности, зашто може многу да придонесат за општото добро на заедницата, рече Шапкоски. Нури Дервишоски, претставник на религиозна група и Кристина Здравеска, двајцата учесници на Школата велат дека има многу предрасуди кои треба да се надминат со комуникација. - Ја претставувам исламската вера како вера на солидарност, на љубов, мир и толеранција, а не е, како што сакаат да ја претстават, на насилство и екстремизам. Треба да има соработка со различните религиозни групи, да има повеќе настани како што е овој и соработка со институциите, рече Дервишоски. - Најчестите конфликти се поради неразбирање, нетолеранција, а за тоа да го надминеме потребни се повеќе вакви проекти на кои на креативен начин ќе може да се изразиме, да ги искажеме нашите религиски вредности за подобро да бидеме разбрани, смета Кристина Здравеска. Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата на САД смета дека со гордост финансираат ваква програма. -Горди сме и чест што поддржуваме ваква програма и проект, во случајот станува збор за градење на меѓуверските односи, преку уметност и култура и подобрување на меѓуверскиот дијалог, изјави Мајер. На школата учествуваа 17 претставници од религиозни групи и граѓански здруженија од Прилеп, Кривогаштани и Долнени. ем/свс/    
vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан