• сабота, 17 август 2024

Во Пехчево започна акција за прибирање средства за набавка на ново возило за Доброволното противпожарно друштво ,,Пехчево"

Во Пехчево започна акција за прибирање средства за набавка на ново возило за Доброволното противпожарно друштво ,,Пехчево

Пехчево, 15 август 2024 (МИА) - Во Пехчево започна акција за прибирање средства за набавка на ново противпожарно возило за Доброволното противпожарно друштво „Пехчево". Акцијата се организира откако единственото противпожарно возило кое го имаа пехчевските пожарникари-доброволци изгоре во пожарите, кои во изминатите две недели ги пеплосаа шумите над градот и неговата околина.

-Ние, како доброволци од Доброволното противпожарно друштво Пехчево, сме посветени да продолжиме да се бориме со огнените стихии, но сега ни е потребна вашата помош. Секоја донација, колку и да е мала, ќе ни помогне да набавиме нова опрема и возило, со што ќе можеме повторно да ја заштитиме нашата заедница, се вели во објавата на ДПД Пехчево кои за таа цел апелираат до сите хумани граѓани да донираат на трансакциската сметка со број 300200000007592 на име ДПД „Пехчево“.

Паралелно повик за парични донации е отворен и на платформата gofundme.com. Во описот организаторите на акцијата за донации информираат дека донациите ќе бидат наменети исто така за ново возило наменето за потребите на Доброволното противпожарно друштво од Пехчево.

-Овие донации се за опрема и возило кое изгоре во пожарот над село Негрево. Опремата е повеќе од потребна за пожарникарите-херои кои  деноноќно се жртвуваа во пожарите кои на почетокот на август избувнаа во Пехчево, вели организаторот на акцијата на самата платформа, Тимче Цековски. 

Линкот за донација на оваа платформа е под името ,,Да помогнеме за Пехчево," а досега е собрана минимална сума од предвидените 6000 евра за помош на ДПД „Пехчево“. вс/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан