• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Основниот суд Куманово продолжи рочиштето против Вангелица Илијевска

Во Основниот суд Куманово продолжи рочиштето против Вангелица Илијевска

Куманово, 9 април 2025 (МИА) - Во Основниот суд Куманово продолжи рочиштето против 36 годишната Вангелица Илијевска, која во јуни, лани ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово. На денешното рочиште беа сослушани вешто лице и тетка на обвинетата. Одбраната, тврди дека Илијевска дејствувала во нужна одбрана, обвинителството бара да се осуди по член 123 од Кривичниот законик.

На прашањата на одбраната, специјалист-невропсихијатар од кумановската болница како вешто лице рече дека Илијевска била доведена во силна и интензивна раздразливост и достигнала кулминација при вршењето на дејствијата која ги презела и кои според неа, биле реакција на спасување на физичкиот интегритет живот. Силната раздразнетост била предизвикана од физичкиот напад и вербалниот напад од оштетените, нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Во сведочењето вештото лице кажа дека таа дејствувала и го извршила кривичното дело во психичка состојба која се карактеризира со присуство на афект за страв на сопствената егзистенција и се активирале одбранбените механизми да се заштити себе си „Или јас, или тој“. Зборувајќи за делото, одговарајќи на прашања на судијата рече дека доколку свекорот не се качил на катот и не и се заканил со зборовите „сега ќе те убијам“ ќе реагирала поинаку во дадената состојба. Во сведочењето, вештото лице кажа дека таа исполнила четири елементи на силна раздразнетост, афект и во неколку секунди го извршила делото. Обвинителот прашуваше од каде се доказите за тоа дека Вангелица била долгогодишна жртва на семејно насилство, вештото лице рече дека ги добила од пријавите за семејно насилство во полицијата и во Центарот за социјални работи во Кратово.

На денешното рочиште зборуваше и роднина на обвинетата, тетка која кажа дека Вангелица и Јован во првите шест до седум години од брачната заедница живееле заедно во куќата на нејзиното семејство во Бутел. И тогаш рече, сведочела на модринки и била сведок на вербални напади од Јован кон Вангелица. Откако се преселиле во Кратово, тој не дозволувал да ја посети. Во телефонските разговори со Вангелица ѝ се жалела дека Јован ја напаѓа поради неизвршни домашни обврски, ја заклучувал во собата. На предлог на поширокото семејство таа да го остави Јован и да ја прекине брачната заедница Вангелица секогаш се жалела дека ја уценувал дека нема да и ги дава децата, бидејќи финансиски не била подготвена, а тие и биле единствена светла точка во нивниот брак.

Во изјавата за медиумите, адвокатот Христијан Георгиевски рече дека акумулираниот стрес предизвикал силна раздразнетост и обвинетата за да се заштити себеси посегнала кон одбранбени механизми.

- Вештото лице во детали кажуваше како повеќе од десет години преку согледувања на медицинска документација, за повреди потврди, преку правни акти пресуди, решенија, покажуваат психо-физички терор, обвинетата била жртва на семејно насилство. Документите потврдуваат дека во моментот на дејствувањето таа дејствувала во состојба на силна раздразнетост и ги исполнила психолошките критериуми дека не би го направил ова освен да се заштити себеси. Се работи за непланирано дејствие, нападот престојел, бил опасен за нејзиниот живот, рече Георгиевски.

Во однос на убиството на свекорот, Георгиевски рече дека вештото лице кажа двете убиства се извршени во рок од неколку секунди, што е исто е резултата на афективна состојба, по упатувањето на заканувачките зборови на свекорот.

- Во конкретниот случај и да има некое благо пречекорување на нужната одбрана, тоа оди во корист на одбраната, бидејќи е во корелација со претходниот противправен напад. Во случај свекорот да не се качил на катот, да не упатил заканувачки зборови и да не тргнал во физички пресметка, вториот напад не би се случил, рече Георгиевски.

На првото рочиште обвинетата кажа дека дејствувала во нужна одбрана. Јавниот обвинител во воведниот говор кажа на 13 јуни, годинава Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор на Вангелица. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован.

Наредното рочиште е закажано на 22 мај, годинава и тогаш ќе бидат сослушани вешти лица на предлог на одбраната и ќе бидат изведени материјални докази. На некое од наредните рочишта ќе има и директен распит ќе даде и Вангелица Илијевска. Адвокатот рече дека тогаш јавноста ќе има можност да слушне сѐ што трпела Илијевска и да се охрабрат жените – жртви на семејно насилство да не дозволат да влезат во „виор на патење и агонија“. ам/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан