• петок, 22 ноември 2024

Во Музеј Неготино изложба на скулптури од Слободан Милошески 

Во Музеј Неготино изложба на скулптури од Слободан Милошески 

Неготино, 24 мај 2024 (МИА) - Изложба на скулптури од Слободан Милошески, беше отворена синоќа во Музеј на град Неготино. Изложбата ја чинат 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години, во  инокс материјал. 

Говорејќи за неговите живот и дела, Драгица Чекорова, кустос советник во музејот, рече дека Милошески е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2009 година, а работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој има реализирано голем број самостојни изложби, а има учествувано и на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија. 
Во неговата биографија, нагласи,  се забележливи реализираните скулптури во јавен простор. 

Директорот на музејот, Александар Донов упати  благодарност до авторот на изложбата, што ја избрал токму оваа културна установа, за да ги претстави своите уметнички дела, во рамките на проектот финансиран од Министерството за култура.

- Високо квалитетните културни настани како што е вечерашната изложба на скулптури, даваат силен импулс за промоција на уметничките вредности, а особено се важни за помалите локални средини, каде што директно влијаат за развој и унапредување на културата, рече директорот, нагласувајќи дека Музејот е секогаш отворен за организација и промоција на вакви и слични културни настани.

Обраќајќи се пред присутните, авторот на изложбата, Милошески, меѓу другото, појасни дека станува збор за скулптури направени во инокс или нерѓосувачки челик, во малку пофлуидна и малку поприродна форма. 

Љубителите на културата ќе имаат прилика да ја посетат изложбата до први јуни. свд/аа/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан