Во МАНУ промовирана нова книга од историчарот Стојко Стојков
- Македонскиот историчар Стојко Стојков во Македонската академија на науките и уметностите денеска ја промовираше својата нова книга.
Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - Македонскиот историчар проф. д-р Стојко Стојков денескa во Македонската академија на науките и уметностите ја промовираше својата нова книга насловена „Многуимените други. Македонија - пресечна точка на Другоста на средновековниот Балкан“.
- Овој труд е плод на 25-годишни истражувања. Целта ми била секогаш - вистината, и сум направил сè што сум можел... Колку сум успеал - тоа други ќе проценуваат. Книгава не ја гледам како почеток - други почнале пред мене, а не е ниту крај - планирам, ако даде Бог здравје, можност да продолжам да работам на оваа тема, зашто има многу што треба да се истражи. Но, се надевам дека таа ќе биде поттик и за повеќе учени да се вклучат, и особено - да биде од корист за читателите, изјави Стојков за МИА.
Промоцијата е организирана од Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија - КВМРМ. Делото е замислено како прво издание во новата едиција на Комитетот, насловена „Macedonia Byzantina“ ('Византиска Македонија'). На промоцијата немаше можност за купување примероци од книгата.
- Книгата ќе се продава во книжарниците на Матица македонска, напиша Стојков претходно на Фејсбук.
Промотори на книгата беа претседателот на КВМРМ, проф. д-р Тони Филипоски и неговиот колега од матичниот Филозофски факултет, проф. д-р Александар Атанасовски.
Книгата ги проучува идентитетите во Средниот век, оскудноста на историските извори, заплетканоста околу сѐ тоа, и нивната злоупотреба денес во политички и геополитички цели. Пишаното дело е поделено на три целини, така што во првите два дела се говори за етнонимите Словени и Бугари во историска Македонија, но и пошироко на Балканот, коишто и според Атанасовски и Филипоски, биле егзоними, т.е. туѓи називи за населението, а не ендоними - изворни етнички имиња што произлегле од народот. Во третиот дел од книгата се говори за Царството на Комитопулите, како што историчарите ја нарекоа Самоиловата Држава. си/бак/
Фото: Фејсбук-објава, фотоисечок