• петок, 22 ноември 2024

Во Лас Вегас отворена Привремена канцеларија за дозвола за венчавки на 31 декември

Во Лас Вегас отворена Привремена канцеларија за дозвола за венчавки на 31 декември

Лас Вегас, 28 декември 2023 (МИА) - На аеродромот „Хари Рид“ во Лас Вегас е отворена Привремена канцеларија за дозвола за склопување брак за двојки кои сакаат да се венчаат во „Градот на гревот“ токму на новогодишната ноќ. Службата работи од 26. до 31 декември, и  е наменета првенствено за оние кои ќе се венчаат на 31 декември 2023 година.

- Поставувањето на канцеларија за дозвола за брак на аеродромот им го олеснува процесот на паровите, давајќи им повеќе време да ја искусат прекрасната новогодишна атмосфера во Лас Вегас. Новогодишната ноќ е веќе еден од најпопуларните датуми за свадби во Лас Вегас, а додавањето на „волшебниот датум“ 1-2-3-1-2-3 (12. 31. '23 г., з.п.) им дава на двојките уште повеќе причини да ја прослават оваа историска ноќ, изјави Лин Мари Гоја - службеничка од Округот Кларк, за Лас Вегас ривју-журнал.

Лас Вегас е најбараната дестинација за свадби во САД, а го нарекуваат и „светска престолнина на свадбите“, иако според некои податоци, тој е втор град во светот - по Истанбул, Турција. Округот Кларк, инаку, во  2018. создаде и Привремена канцеларија за дозвола за брак којашто работи пред Денот на вљубените, секоја година досега, освен пандемиската 2021 година.

Оваа новогодишна ноќ може да постави рекорд за најмногу свадби во еден ден во Лас Вегас. Претходниот рекорд од 4.492 свадби е поставен на 7 јули 2007 година (7. 7. '07), а вториот најпопуларен датум беше 11 ноември 2011 година (11. 11. '11), кога во градот се венчаа 3.125 парови. Главната канцеларија, инаку, е во центарот на Лас Вегас, и е отворена од 8 часот наутро до полноќ секој ден.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан