• понеделник, 23 декември 2024

Во Куманово изработено едукативно видео за превенција од врсничко насилство

Во Куманово изработено едукативно видео за превенција од врсничко насилство

Куманово, 21 март 2024 (МИА) - Граѓанскиот Центар „Активум“ и кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“ изработија едукативно видео наменето за учениците чија цел е превенција на онлајн врсничко насилство, информираа денеска од здружението.

Видеото веќе е поставено на социјалните мрежи и е дел од активностите за намалување и подобро справување со сајбер булингот во општина Куманово, преку зголемување на дигиталната писменост меѓу учениците на возраст од 11 до 15 години и наставниците во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово.

- Преку видеото сакаме да допреме не само до учениците од ова основно училиште, туку и до останатите. Учениците го споделуваат и кај врсниците од другите училишта од градот и државата. Ова е пластичен пример како врсничкото насилство изгледа, и како онлајн насилството е  уште една тактика на булинг, но и како се чуствува жртвата во вакви ситуации, изјави Марија Тошева од „АктивУм“.

Од здружението и од училиштето велат дека продолжуваат успешно да работат на превенција на онлајн врсничкото насилство меѓу ученици од шесто до деветто одделение. Досега се организираа работилници за 50 наставници од училиштето, преку што најпрво наставниот кадар се запозна со различни облици на сајбер закани за младите, како да ги препознаат, кои се обврските на училиштето во справувањето и на кој начин можат да соработуваат меѓу себе, со родителите, но и полицијата на превенција и заштита. Потоа почнаа работилниците и за учениците, при што најпрво се обучија 40 ученици, т.е сите претседатели и потпретседатели од секое одделение.

- По принципот на врсничка едукација, овие претседатели и потпретседатели, секој во своето одделение одржа по пет работилници на темите, со што информациите стигнаа до секој ученик во училиштето, изјави, Марија Тошева од „Активум“.

Од здружението велат дека работилниците се интерактивни, со користат примери, видеа од youtube, примери од медиуми, учениците истражуваат директно за разликување на лажни од вистински вести, цртаат и креативно се изразуват што придонело за креирање атмосфера во која се споделуваат вистински случувања и се работи на утврдување на чекорите со кои ќе се спречи сличните случувања да се повторуваат и да се разрешат.

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Think b4 you click – Размисли пред да кликнеш“ кој заеднички го спроведуваат граѓански центар „Активум“ и ОУ Крсте Мисирков од почетоткот на учебната година.  Проектот е поддржан од Фондација „Отворено општество - Македонија“. ам/цр


Фото: Активм

Остани поврзан