• недела, 22 декември 2024

Во Крушево се одржува 22. Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“

Во Крушево се одржува 22. Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“

Крушево, 26 септември 2024 (МИА) - Повеќе од 100 млади, активни лидери од 14 земји учествуваат на 22. Меѓународна младинска конференција  „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ што од денеска до понеделник, 30 септември, се одржува во Крушево. Овој настан веќе 22 години претставува платофрма за вмрежување и поттикнување на дијалог помеѓу доносителите на одлуки, релевантните чинители и младите луѓе од регионот, овозможувајќи им динамична средина за креирање на иднината на регионот.

-Овој настан се случува во многу клучно време за младите луѓе од регионот, покривајќи ги најгорливите и актуелни теми кои директно ги засегаат, меѓу кои спаѓаат: актуелни политички движења и избори, радикализација, дигитална трансформација и иновации, вештачка интелигенција, регионална економска стабилност, претприемништво и вработување, регионално поврзување и инфраструктура, информираат од Младинскиот сојуз на Крушево, организатор на конференцијата, која е поддржана од Министерството за надворешни работи на Германија, а е во рамките на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, финансиран од Европската унија што го спроведува УНДП- Програмата за развој на Обединетите нации.

Учесниците се од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Романија, Србија, Словенија, Германија и Франција.

Во изминатите 21 годинa на оваа конференција учествувале над 1 600 млади од 25 земји, а одлуките и активностите преземени во рамките на овие иницијативи е проценето дека досега извршиле директен и индиректен импакт врз повеќе од два милиони млади луѓе. ем/мд/

Фото: Младински сојуз - Крушево

Остани поврзан