• недела, 22 декември 2024

Во Крива Паланка осум пожари за една недела, апел до граѓаните да не палат оган на отворено

Во Крива Паланка осум пожари за една недела, апел до граѓаните да не палат оган на отворено

Крива Паланка, 2 април 2024 (МИА) - Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка во изминатите седум дена гаснеле осум пожари на отворен простор, од кои, последните три се случиле вчера во село Луке, каде е опожарена голема површина букова шума, неколку десетици хектари и зимзелени дрвја. Од ТППЕ Крива Паланка апелираат граѓаните да не палат оган на отворено.

-Пролетното расчистување на земјоделските површини е во полн ек, но она на што постојано апелираме е граѓаните да не ги палат стрништата бидејќи алармантна е појавата на пожари на отворен простор на подрачјето на општината. Во изминатава седмица речиси секој ден имаме интервенции и тоа на најразлични локации, а само во вчерашните пожари опожарена е голема површина букова шума, но и пасишта и нискостеблеста вегетација. Вчерашните пожари во село Луке, беа во маала Соколовци, места викани Самар и Св. Петка. Интервенцијата е завршена со две возила, седум пожарникарии, седум вработени во Јавното претпријатие Македонски шуми, ПШС „Осогово", Крива Паланка. Гасневме три шумски пожари на горе наведените локации. Беше опожарена голема површина на Букова шума, нискостеблеста вегетација и пасиште.Апелирам граѓаните да не палат оган на отворен простор, температурите се високи,над просекот за овој период од годината, а има и ветар кој лесно може да го прошири огнот. Со самото палење се предизвикува и дополнително струење на воздухот, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.

Само во последната седмица од месец март се бележат пет интервенции за пожари, сите на отворено.

- Пожар на отворено имаше на 30 март во село Градец, кај местото Крстата падина, каде гореа сува трева и овоштарници. Интервенирано е со едно возило и тројца пожарникари. На 24 март во селото Трново, маала Лингуровци, интервениравме на запалена трева и мешовита шума. Стара куќа беше спасена од огнената стихија. Ден претходно, на 23 март во село Луке, маала Соколовци кај местото Боиште по пријава за шумски пожар од поголеми размери на самата гранична линија со Република Србија, интервениравме со едно возило и четворица пожарникари. Огнот беше спречен да зафати неколку објекти и куќи во непосредна близина, додава Коцевски.

Пожари на отворено во март имало и во Осиче, Конопница и над десетина други во руралните средини, а гасени се дел од нив и од самите мештани кои ги палат стрништата.

Периодов извршени се интервенции и на запалени димоводни канали, така што од ТППЕ Крива Паланка упатуваат апел до граѓаните и за редовно чистење на оџаците. ид/дма/

 

Фото:МИА

Остани поврзан